ПОВЕЌЕ

    Светски ден на учителите: МОН со кампања за важноста на професијата во општеството

    Време зa читање: 4 минути

    Со старт на кампања за подигнување на јавната свест за суштинската важност на знаењето и незаменливата улога на наставниците во општеството, Министерството за образование и наука   го одбележува 5 Октомври – Светскиот ден на учителите. Почетокот на кампањата насловена „Магијата е во знаењето“ беше означен со две тематски панел дискусии посветени на институционалниот пристап кон образованието, статусот на наставниците, нивните предизвици и   потреби, како и начинот на кој општеството ги вреднува нивната посветеност и влијание.

    Во  присуство на претставници на академската и наставничката заедница, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер,   деканката на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје и претседателката на Сојузот на просветни работници на Македонија, Лидија Николовска-Георгиевска испратија порака дека токму наставниците се херои на нашето време. Тие не носат наметки, но секојдневно, со љубов, трпение и посветеност, ја создаваат вистинската магија – ја пренесуваат светлината на знаењето кон младите.

    Честитајќи им го празникот на сите просветни работници, министерката Јаневска им порача дека се исклучително важни во обликувањето на иднината на нашите деца и на државата и токму затоа институциите заедно со партнерските организации се трудат да го подобрат нивниот општествен и економски статус и да го вратат дигнитетот на наставничката професија.

    „Да бидеш наставник не е само обична професија. Наставникот е човекот кому родителите му го доверуваат највредното што го имаат, за да му ја обликува иднината, односно да му пренесе знаења и вештини кои се применливи, во чекор со времето, со науката, технологијата и потребите на пазарот на труд. И токму тука почнува улогата на образовните политики кои треба да обезбедат   подготвен, мотивиран наставник, со морален и интелектуален авторитет, кој ќе успее да ја стекне довербата на учениците, да ги интригира и да им овозможи да го реализираат полниот потенцијал“, рече Јаневска.

     

    Министерката посочи дека Владата ќе продолжи посветено да ја поддржува наставничката заедница и да отвора нови можности за нивен, но и за развој и напредок на македонскиот образовен систем. Притоа, потсети дека во изминатите 15 месеци платите на наставниците се зголемени за 12 насто, а на универзитетските професори за 14 наст. Освен тоа, овозможен е кариерен напредок во звањата советник и ментор, а спроведени се и бројни обуки за професионална надградба. Вложени се над 67 милиони евра во унапредување на образовната инфраструктура.

    Во рамки на првиот настан од кампањата „Магијата е во знаењето“, Министерството за образование и наука и Сојузот на просветните работници на Македонија ги доделија и признанијата „Просветен работник на годината“ за учебната 2024/2025 година. Тоа е, како што беше истакнато, чин на јавно признание, но и симбол на пошироката заложба за градење општество кое активно ја поддржува и вреднува улогата на воспитувачите, наставниците и стручните соработници.

    Признанијата ги добија Елеонора Костоска Јованоска – воспитувач во ЈОУДГ „Наша иднина“ во Прилеп; Фросина Ангелова – педагог во ЈОУДГ „Мајски цвет“ во Скопје; Сузана Ќелешоска – наставник по одделенска настава во ОУ „Мурат Лабуништи“ с. Лабуништа, Струга; Наташа Тодоровска – наставник по одделенска настава во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола; Маја Митевска Поцева – наставник по одделенска настава во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Пробиштип; Павлинка Вељаноска – наставник по музичко образование во ОУ „Гоце Делчев“ во Неготино; Милица Патраклиева – наставник по географија во ОУ„Лазо Трповски“ во Скопје; Аница Б. Златевска – психолог во ОУ „Коле Канински“ во Битола и Јасмина Денковска – наставник по информатика во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ во Куманово.

    Освен пораките што преку медиумите и социјалните мрежи ќе се споделуваат за важноста на наставниците и на знаењето што го пренесуваат, во рамки на кампањата ќе се реализираат и повеќе стручни собири, панел дискусии и работилници низ кои МОН ќе допре до секој ученик, родител и наставник, а сите заедно ќе го вратиме сјајот и достоинството на најважната професија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично