ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I ФИЛИП ИВАНОВСКИ: Селекцијата на отпад мора да стане навика, а не обврска и товар

    Време зa читање: 7 минути

    Пакомак, првата компанија во Македонија за управување со отпад од пакување, веќе петнаесет години е активен двигател на зелената транзиција во земјата. Од скромни почетоци и создавање систем кој ќе ги поврзе институциите, компаниите, општините и граѓаните, па сѐ до денес кога рециклирањето и циркуларната економија стануваат сѐ поголем приоритет, Пакомак ја гради својата мисија да ја направи Македонија еколошки посвесна и поодржлива.

    Во интервју за порталот Пари, извршниот директор Филип Ивановски, зборува за еволуцијата на компанијата, предизвиците и успесите, реалните бројки за управувањето со отпадот, како и за визијата за иднината, дали и како Македонија може да стане еко-држава со која ќе се гордееме.

    ПАРИ: Ако морате во три клучни точки да ја опишете еволуцијата на Пакомак за 15 години, кои би ги издвоиле?

    ИВАНОВСКИ: Почеток, Промени и Потенцијал. Тоа би биле 3 збора со кои би ги опишал овие 15 години работа на Пакомак.

    Во почетните години учевме сите: компаниите, јавните комунални претпријатија, општините, приватните компании собирачи и рециклатори на отпад, граѓаните, институциите и невладините организации. Најмногу учевме ние, обидувајќи се да ги поврземе сите овие субјекти и засегнати страни во еден систем кој ќе функционира. Навистина беше и сѐ уште е  предизвик да имате функционален систем со толку многу засегнати страни кои многу често имаат различни вредности, цели и интереси. Но, успеавме со истрајност, разбирање и знаење да ги поместиме работите напред!

    Потоа почнаа да се случуваат промени. Промените станаа видливи на улиците, во школите и градинките, институциите, односот на компаниите кон Пакомак и навиките на граѓаните кон отпадот. Се создаде можност за селекција на отпадот од пакување во разни контејнери и канти, кутии и кеси. Разни едукативни кампањи почнат да креираат критична маса на граѓани кои се еколошки освестени и почнаа да го менуваат однесувањето кон отпадот и на тие околу нив.

    Денес постои потенцијал сосема да се смениме на подобро во нашите еколошки навики! Убедени сме дека со поголемо паралелно вложување во инфраструктура, возила за собирање на отпад од амбалажа и кампањи за подигање на јавна свест, брзо ќе дојдеме до поголем број на граѓани кои селектираат отпад од оние кои тоа не го прават! Потенцијалот за кој говориме е нераскинливо поврзан со континуираната дигитализација во работењето. Тоа, пак, ќе значи поголема транспарентност во управувањето со отпадот генерално, а со тоа и зголемување на увидот и довербата на граѓаните во сѐ она што го правиме.

    ПАРИ: Како изгледа Македонија во однос на европските стандарди за управување со отпад и рециклирање, и каде сме денес во поглед на селекцијата на отпадот дома, односно колкав е реалниот процент на граѓани што активно учествуваат во тој процес?

    ИВАНОВСКИ: Иако офиицијалните бројки велат дека над 99% од комуналниот отпад се депонира, ние од нашите реални бројки калкулираме дека најмалку 8-10% се рециклира, пред сѐ отпадот од пакување кој е дел од тој комуален отпад. Имено, Пакомак и останатите компании собираат и носат на преработка над 50.000 тони отпад од пакување годишно, дел од оние 600.000 тони вкупен комунален отпад кој се создава во Македонија. Отпадот од пакување како дел од вкупниот отпад, се рециклира над 35% на национално ниво што е далеку подобро од тоа пред 15 години. Ние секои две години правиме истражување на однесувањето на граѓаните кон отпадот. Нѐ радува што во споредба со пред 15 години, во 2024-та имаме повеќе од двојно зголемување на бројот на граѓани кои секогаш или често го селектираат својот отпад од пакување. Затоа сум оптимист дека сме на добар пат до моментот кога селекцијата на отпад ќе ни стане навика, не обврска и товар.

    ПАРИ: Циркуларната економија често се нарекува неопходност, а не избор. Колку реално е изводливо оваа визија да се примени кај нас и кои се најтешките навики или практики што ќе мора да ги смениме?

    ИВАНОВСКИ: Линераниот начин на функционирање како до сега е неодржлив. Црпење суровини, правење од нив производи кои подоцна по нивната употреба стануваат отпад и се фрлаат, почетокот на крајот на тие времиња е пред нас. Овој процес на транзиција од линеарна кон циркуларна економија ќе трае со децении, а брзината ќе зависи од самите нас и институциите. Имено, оваа транзиција налага излегување од комфорна зона на компаниите, но и на нас како граѓани. Конзумеризмот во кој денес живееме е во спротивност со основните постулати за циркуларност, а тоа е намалување на отпадот што го создаваме. Тоа значи да трошиме помалку производи (храна, облека, електроника…) и откажување од некои навики како на пример да менуваме секоја година гардероба, сите да имаме свои возила, спортски реквизити, сопствена бела техника (машина за перење и сл.). Тоа се навики кои бараат институционални стимули за да се променат побрзо кон циркуларни модели на работење и живеење.

    ПАРИ: Како да ги убедиме граѓаните кои мислат дека нивниот придонес е безначаен, дали паричните стимулации се доволни или треба да се најде некоја трета тактика за да се допреме и до најотпорните?

    ИВАНОВСКИ: Општата ниска недоверба во институциите е една од причините за чувството на залудност во сѐ што како граѓани се обидуваме да смениме на подобро со нашето лично однесување. Но, секоја колективна промена била започната и спроведена од поединци кои биле упорни и стоеле цврсто на своите ставови, идеи и навики и кога мнозинството не верувало во тоа. Затоа, со секој чин на селектирање отпад освен што материјално придонесуваме кон почиста животна среедина, верувајте дека влијаеме и на некој кој во тој момент е до нас и со нас, некој кој случајно не гледа поминувајќи крај нас. Ние сме модел на однесување за нашите деца, блиски, соседите… ве уверувам дека за неколку години ќе има повеќе граѓани кои го селектираат отпадот од оние кои тоа не сакаат да го прават. И од тој момент промената на навиките ќе оди екпоненцијлано побрзо.

    Последното наше истражување покажува дека сѐ уште 20% од граѓаните не сакаат да селектираат дури и да има блиску контејнери или се плаќа за секое селектирано шише и лименка. За нив единствено институционален пристисок и казни се начин да го променат однесувањето.

    Секако финансикото наградување на оние кои селектираат ќе помогне во побрзо усвојување на селекцијата на отпадот како навика, ние тоа го правиме со оние средства кои ги имаме. Но, казните секако треба да постојат за оние кои имаат неоправдан отпор кон ова.

    ПАРИ: Како ја гледате Македонија во справување со отпадот во следните 10 години? Што е пресудно за да се трансформираме во еко-држава со која ќе се гордееме?

    ИВАНОВСКИ: Следниве 10 години верувам дека ќе имаме значаен напредок во сите области од животната средина. Отпадот како една важна компонента ќе биде во фокусот, бидејќи со правилно управување од отпадот придонесуваме и за почист воздух, почва и води. Освен потребните финансии кои веќе постојат и може реалтивно брзо да се обезбедат, најтешко е да ги промениме навиките на граѓаните, но и компаниите кои треба да ги финансираат системите како овој на Пакомак. Во моментот кога при носење на бизнис одлуки сопствениците на бизнисите ќе се стават во улога на граѓани, тогаш ќе имаат волја и да се откажат од дел од својот профит во интерес на животната средина и добробит на граѓаните. Избалансираноста на 3П столбовите (Profit, People, Planet) се основа на циркуларната економија кон која неизбежно мора да се стремиме. Држејќи се истрајно до ова, неминовно ќе имаме и држава со која ќе се гордееме.

    Катерина Михајлова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично