Факултет за бизнис економија во Скопје е исклучен од образовниот процес поради нефункционалност. Детектираните нерегуларности не се отстранети во дадениот рок, па МОН донесе одлука за времено запирање на работата на приватната висока стручна школа.
Оваа образовна установа немала проблеми во работењето до 2022 година, кога дошло до промени во сопственоста. Како ФБЕ функционирал оттогаш, може да се согледа од податоците застапени во базата на Бизнис Мрежа, засновани врз финансиските извештаи – за 2022 и за 2023 година.
Факултетот преклани остварил вкупни приходи од 4.005.517 денари или само 65 илјади евра. Тоа, пак, е за 77,83 отсто помалку во споредба со претходната 2022 година. Тогаш ФБЕ приходувал 18.064.662 денари, односно околу 294 илјади евра.
Во тие рамки, како што е наведено, сопствените учествуваат со 59,64 проценти во вкупните приходи. Тука е регистриран пад од 78,24 отсто. Од 10.977.510 денари (178,5 илјади евра) во 2022 на 2.388.745 денари (38,8 илјади евра) во 2023 година.
ИНТЕРВЈУ I ВЕСНА ЈАНЕВСКА: Ако имаме квалитетни наставници, ќе имаме квалитетни млади луѓе
Од друга страна, висок е процентот на намалување кај расходите (-55,50%), но и покрај тоа се над приходите. Преклани биле регистрирани трошоци од 6.257.656 денари (101,7 илјади евра), а годината пред тоа – 14.062.495 денари (228,6 илјади евра).
Најголем дел од вкупните расходи (34,72%) е за плати и надоместоци. Сумата за таа намена во 2023 била 35,3 илјади евра, а во 2022 година 93,2 илјади евра. Или, забележан е минус од 62,11 отсто. Тоа соодветствува и со движењето кај бројноста на ангажираниот кадар. Преклани на факултетот работеле шестмина, а пред тоа 11 лица (-45,45%).
ФБЕ е регистриран како приватна високообразовна установа – висока стручна школа. Основан е во 2006 година, со непаричен влог од 156.100 денари, еднакво на 2.500 евра.
Сопственик е Фондацијата Ново образование за бизнис, која, пак, е во сопственост на Џенк Јилмаз. Тој се јавува како сопственик и на други фирми од различни дејности: сметководствени, книговодствени и ревизорски работи, даночно советување; изградба на станбени и нестанбени згради; дејности на други организации врз база на зачленување. За него е наведено дека ниедна компанија каде што има(л) извршна функција, досега не е затворена по пат на стечај или ликвидација.
Директор на факултетот е Никола Ѓоршоски. Банкарската сметка на ФБЕ е блокирана. Лани не се запишани нови студенти, а постојните се распоредуваат на други факултети.
Досега се затворени 14 универзитети, посочи деновиве министерката за образование и наука, Весна Јаневска:
„Дел од приватните универзитети кога видоа дека контролираме и почнуваме да ги затвораме, самите одлучија да се затворат. Се надевам дека по тој урнек и дел од високообразовниве установи кои навистина не исполнуваат услови самите ќе пристапат кон затворање. Ако не, ние ќе ги затвориме“, нагласи Јаневска, додавајќи дека таа активост ќе продолжи по изборите.
Од МОН официјално порачаа дека почитувањето на законските прописи мора да биде основен принцип во работењето на сите образовни установи. „Тоа е единствениот начин да се обезбеди одржлив квалитет кон корисниците на образовните услуги. МОН и во иднина неселективно ќе продолжи да ја контролира работата на образовните и научните установи и да презема соодветни мерки онаму каде што ќе бидат констатирани отстапувања од правните норми“.