ПОВЕЌЕ

    УСЛОВИТЕ НА ТРАМП: Санкции за Русија само ако НАТО воведе царини до 100% за Кина

    Време зa читање: 3 минути

    Доналд Трамп повторно ја потресе меѓународната сцена со услови што ја ставаат трансатлантската алијанса пред невозможна избор. Во објава на „Truth Social“, американскиот претседател порача дека ќе воведе тешки санкции против Русија, но само ако сите земји-членки на НАТО престанат да купуваат руска нафта и колективно воведат царини до 100 проценти врз Кина. Со овој потег, Трамп ја сврте дебатата за Украина во сосема нов правец – од воено поле кон економски фронт.

    „Подготвен сум да воведам големи санкции врз Русија кога сите земји-членки на НАТО ќе се согласат и ќе почнат да го прават истото, и кога сите земји-членки на НАТО ќе престанат да кушуваат нафта од Русија“, напиша тој, тврдејќи дека ваквите мерки ќе помогнат побрзо да се стави крај на војната во Украина. Дополнително, Трамп ги повика европските партнери да воведат царини за кинеските и индиските стоки, аргументирајќи дека нивната зависност од руската нафта индиректно го финансира Кремљ.

    Иако ваквиот настап е во согласност со неговата реторика за „тврд притисок“, критичарите потсетуваат дека токму Трамп често избегнуваше директни конфронтации со Владимир Путин и повеќепати поставуваше рокови кон Москва без конкретни последици. Последната анкета на истражувачкиот центар Пју покажа дека мнозинството Американци не се уверени во неговите одлуки за војната, а третина сметаат дека тој премногу ја фаворизира Русија.

    Приходите од нафтата и гасот се клучниот извор на средства за Кремљ, па токму тие се централна цел на западните санкции. Но, агресивните ограничувања врз рускиот извоз носат и ризици од поскапување на нафтата на глобалниот пазар, што би можело да ги оптовари економиите на САД и Европа. Според податоците на Центарот за истражување на енергијата и чистиот воздух, Европската Унија и понатаму сочинува околу шест проценти од купувачите на руската сурова нафта – исто колку и Турција, која, иако е важен сојузник на НАТО, одржува блиски односи и со Москва. Унгарија и Словачка, исто така, продолжуваат со купувањето, што остава голема доза скепса за реализацијата на барањата на Трамп.

    Предлогот за воведување колективни царини до 100 проценти врз Кина е уште покомплициран. НАТО е воено-политички сојуз, а не економска унија, па не е јасно како би можел да координира трговски мерки. Дополнително, САД веќе се во жестока трговска војна со Пекинг, откако Трамп годинава наметна царини од 145 проценти врз кинескиот увоз, на што Кина возврати со свои високи давачки. Ситуацијата со Индија е слична: казнените тарифи за нејзините стоки достигнаа 50 проценти поради купување руски енергенси, што дополнително ги комплицира односите меѓу двете демократии.

    Брисел, пак, реагираше со воздржаност. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен порача дека секој нов пакет санкции мора да биде во согласност со правилата на Унијата и со принципот дека санкциите не може да имаат екстратериторијално дејство.

    Писмото на Трамп пристигна во период на засилени тензии. НАТО токму ја започна операцијата „Источна стража“ на источниот дел од Европа, како одговор на руските беспилотни летала што го нарушија воздушниот простор на Полска. Додека Алијансата ја зацврстува својата воена позиција, новите барања на американскиот претседател внесуваат дополнителна неизвесност – дали навистина ќе доведат до заострување на економскиот фронт или ќе останат уште една гласна закана која никогаш нема да се спроведе.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично