Дали политичката криза во Франција е, всушност, финансиска? Падот на најновата влада на Франција ја остави втората најголема економија во еврозоната во длабока криза, подлабоко запаѓајќи во мочуриште на слаб раст, високи трошоци за позајмување и товар на долг кој станува еден од најтешките во Европа.
Според Ројтерс, паѓањето на владата на премиерот Франсоа Бајру од страна на пратениците со гласање за недоверба во понеделникот ги уништи сите надежи за сериозен напредок следната година во однос на буџетскиот дефицит на Франција – најголемиот во еврозоната.
ДАЛИ Е ФРАНЦИЈА – ГРЦИЈА 2.0?
Франција се соочува со сериозен фискален предизвик, но не е Грција 2.0 – барем не засега. Институциите се посилни, ЕЦБ е повеќе вклучена, а кризата е повеќе политичка отколку егзистенцијална. Сепак, паралелите се доволно впечатливи за да ги направат инвеститорите нервозни.
Франција се наоѓа на работ на економска криза – засега не се работи за целосен колапс, меѓутоа се подготвува бура. Превирањата се поттикнати од мешавина од огромен јавен долг, политичка нестабилност и непопуларни мерки за штедење.
Меѓу клучните причини за економскиот притисок на Франција се наведуваат растечкиот јавен долг, постојаните буџетски дефицити, непопуларните мерки за штедење, како и политичката нестабилност.
Долгот на Франција порасна на 3,3 трилиони евра, или 114% од БДП, што го прави трет највисок во еврозоната по Грција и Италија. Ова е речиси двојно повеќе од препорачаната граница на ЕУ од 60%, а само каматните плаќања се предвидува да достигнат 66 милијарди евра во 2026 година, надминувајќи ги трошоците за образование.
Во 2024 година, Франција имаше буџетски дефицит од 5,8%, што е далеку над горната граница од 3% на ЕУ. Хроничното прекумерно трошење ја принуди владата да позајмува големи заеми, потресувајќи ги финансиските пазари и зголемувајќи ги приносите од обврзниците дури и над оние на Грција.
Во обид да се справи со растечката криза, премиерот Франсоа Бајру предложи намалување на трошоците од 43,8 милијарди евра за 2026 година, како што се намалувањето на вработувањата во јавниот сектор, прекинато прилагодување на пензиите според инфлацијата, па дури и укинување на два државни празника.
Овие мерки предизвикаа јавна реакција и политички внатрешни борби, заканувајќи се со колапс на владата на Бајру.
Франција смени повеќе премиери за една година, но, непопуларните социјални и економски политики на француските влади не датираат само од последната влада на Бајру. Претходните пензиски реформи на претседателот Макрон, како што беше зголемувањето на возраста за пензионирање на 64 години – исто така поттикнаа протести и ја еродираа довербата.
Наследникот на Бајру веројатно ќе се потпира повеќе на даноците отколку на намалувањето на трошоците за да го намали буџетскиот дефицит, а социјалистите – од чии редови би можел да дојде следниот премиер – повикуваат на зголемување на даноците од 15 милијарди евра за ултрабогатите.
Но, финансиските пазари може да не се справат со зголемувањето на даноците, особено со пошироките мерки, стравувајќи дека тие би можеле да го задушат растот.
КОЛКУ Е ДАЛЕКУ ФРАНЦИЈА ОД ГРЧКОТО СЦЕНАРИО?
Сè уште е далеку. Франција сè уште има релативно силен кредитен рејтинг и пониски трошоци за сервисирање на долгот од Велика Британија. Но, комбинацијата од висок долг, низок раст и политички застој е опасен коктел.
Постојат многу сличности помеѓу кризата во Франција и онаа што се одвиваше во Грција пред повеќе од 15 години. Јавниот долг во Франција достигна врв од многу високи 114% од БДП, додека во Грција, долгот во екот на кризата достигна врв од 180%.
Слична е и политичката нестабилност. Во Франција се случуваат чести владини промени, нема мнозинство, споредливо со состојбата во Грција каде се случуваа повеќе изборни циклуси и колапс на владините коалиции.
И во двете држави жестоки беа и реакциите на мерките за штедење – протести поради намалување на трошоците и зголемување на даноците. И Франција се соочува со притисок од ЕУ за фискална дисциплина, но сепак е далеку од кризата во Грција на која ЕУ и ММФ наметнаа сурови услови за спасување од должничката криза.
Сепак, постојат и битни разлики меѓу француската и кризата во Грција. Најголемата е во поглед на самата сериозност на кризата. Додека во Франција постои зголемен ризик, тој сè уште не системски, за разлика од Грција која беше доведена до целосен финансиски колапс. Различна е и поддршка која земјите ја добиваа од ЕЦБ – банката сега делува како стабилизирачка сила, за разлика од Грција каде ЕЦБ беше помалку проактивна за време на раната криза.
Во поглед на перцепција на пазарот, приносите на француските обврзници штотуку ги достигнаа грчките нивоа од времето на кризата, но грчките обврзници имаа статус на ѓубре. Освен тоа, ЕУ барем засега, нема во план спасувачки мерки, за разлика од грчкото сценарио, каде, во три големи пакети спасувачки мерки на државата и беа доделени вкупно 289 милијарди евра. Во поглед на економските основи, Франција несомнено има посилна индустриска база и кредит, додека Грција имаше структурни слабости и ниска доверба кај кредиторите и пазарот.
СЛЕДНИТЕ ЧЕКОРИ НА МАКРОН
Макрон во моментов не сигнализира планови за распишување предвремени парламентарни избори, а анкетите покажуваат дека лесно може да се случи новите избори да не ѝ дадат мнозинство на која било партија и да го прекине застојот.
Со оглед на тоа што политиката на Франција е во хаос и јавните финансии се во криза, домаќинствата и бизнисите веќе се двоумат дали да трошат или инвестираат.
Бавниот раст е особено проблематичен за земја со висок долг како Франција, бидејќи не може едноставно да смета на растечки излез од товарот на долгот, кој достигна 3,3 трилиони евра во јуни или 114% од БДП.
Тоа е пониско од 153% на Грција или 138% на Италија. Но, за разлика од Франција, обете земји имаат значителни буџетски суфицити пред да се земат предвид каматните плаќања.
Плаќањата на францускиот долг се очекува да достигнат повеќе од 100 милијарди евра до 2029 година – во споредба со 59 милијарди во 2024 година – станувајќи најголем буџетски трошок доколку растот се забави или намалувањето на дефицитот се олабави, предупреди ревизорската канцеларија на Cour des Comptes претходно оваа година.
Во меѓувреме, плановите на Германија да инвестира милијарди евра во најголемата економија во Европа по години воздржаност, исто така, ја оставаат Франција во непријатна светлина.