Најголемото позитивно движење кај вредноста на акциите, забележано во првите шест месеци од годинава, е 52,36 насто. Најголемиот пад е 49,24 отсто.
На берзанската листа која ги рангира хартиите од вредност кои во текот на периодот оствариле најголем раст, челната позиција ја зазема битолскиот производител на печатена амбалажа – Фустеларко Борец. На 30 јуни оваа акција имала просечна цена од 3.201 денар, додека на 30 декември лани чинела 2.101 денар.
За шест месеци акцијата на Макпетрол зајакнала за безмалку 26 илјади денари. Конкретно за 27,71 насто, а тоа значи од 92.788,89 денари (крај на 2024) на 118.500 денари.
Сличен процентуален раст – од 27,27 насто, е регистриран кај вредноста на акцијата издадена од компанијата што е „состојка на секоја градба“. Првата половина од годинава акцијата на Адинг ја завршила со просек од 2.100 денари, откако претходно 2024 година ја заокружила со 1.650 денари.
Ацијата на Македонија осигурување Скопје – Виена Иншуренс Груп направила исчекор од 1.164 на 1.426 денари. Или, за 22,51 насто, што на најстарата домашна осигурителна куќа и го обезбедува четвртото место.
Позитивната листа завршува со Македонијатурист. Вредноста на акцијата пораснала за 18,34 проценти, од 8.450 на 10 илјади денари.
Кумановскиот производител на челични цевки ја има акцијата кај која е забележано најголемото опаѓање. Од 394 денари, колку што била просечната вредност на 30 декември, акцијата на ФЗЦ 11 Октомври се симнала на 200 денари. Загубата на 194 денари е претставено со споменатиот минус од 49,24 проценти.
Челичен производител е Либерти, чија акција, според падот од 37,50 отсто, е на втората позиција. Акцијата која чинела 16 денари пред крајот на минатата година, јуни го завршила со просечни 10 денари.
На средината од листата со предзнак минус е Окта. Акцијата на единствената рафинерија на сурова нафта во земјава од 5.199 се намалила на 4.650 денари. Тоа претставува опаѓање од 10,56 отсто.
Следува фармацевтска акција со намалена вредност за 9,06 проценти. Акциите на скопски Реплек, кои во декември имале просечна цена од 16.598,33 денари, во јуни се дошле до 15.095,02 денари.
Најмало е осипувањето на акцијата со знакот на Тетекс од Тетово. Во текот на шестмесечниот период изгубила 8,42 отсто од вредноста. Берзанската статистика евидентирала надолно движење од 2.850 на 2.610 денари.
M.A.