ПОВЕЌЕ

    Берзата со позитивни полугодишни показатели: Кои се петте акции – фаворити на инвеститорите?

    Време зa читање: 3 минути

    Македонска берза ја заокружи првата половина од годината со значителни показатели на раст, што сигнализира зајакнување на довербата на инвеститорите и зголемена пазарна активност. Вкупниот промет порасна за 12,82 насто во однос на истиот период лани, додека бројот на трансакции бележи раст од 14,80 проценти. Најсилниот индикатор на позитивните движења, берзанскиот индекс МБИ10, е зајакнат за 37,13 проценти, достигнувајќи вредност од 10.565,34 поени.

    Црвената боја не беше доминантна, но сепак дневните берзански показатели за најтргуваните акции често беа зацрвенети. Вредностите на акциите бележеа надолни движења, но сепак, се на повисоко ниво од тоа на кое се наоѓале пред една година. Всушност, составот на првата петорка најтргувани акции е ист како и во споредбениот минатогодишен период. Фокусот на инвеститорите и во изминатите шест месеци главно бил насочен кон банкарските, фармацевтските и кон акциите на најголемиот дистрибутер на горива.

    Листата на најтргувани хартии од вредност ја предводи Комерцијална банка со остварен промет од 1.102.828.165 денари (17,9 милиони евра) и со најмногу трансакции – 4.028. Истргувани се 37.838 акции. Просечната цена достигна 29.146,05 денари, што ја одразува високата ликвидност и интересот за оваа акција зад која стои најуспешната домашна банка.

    Вообичаено, следи Алкалоид со истргувана количина од 33.852 акции и со промет од 952.613.267 денари (15,5 милиони евра). Просечната вредност за акција е 28.140,53 денари. Со 3.140 трансакции, акцијата на фармацевтскиот гигант останува меѓу најстабилните на пазарот.

    Трета по трговскиот обем е акцијата на Макпетрол, која се тргуваше по просечна цена од 108.663,04 денари. Остварен е вкупен промет од 252.641.577 денари (4,1 милиони евра). Во берзанската статистика се запишани 734 трансакции со опфат од 2.325 акции.

    Една по друга се уште две банкарски акции. Прометот од 226.211.764 денари (3,7 милиони евра) на акцијата со знакот на Стопанска банка Скопје и ја обезбеди четвратата позиција во ова шестмесечно рангирање. Истргувани се 76.745 акции преку 1.058 трансакции, при што е постигната просечна цена од 2.947,58 денари.

    Со 2.461 акција на НЛБ банка е направен промет од 144.375.894 денари (2,3 милиони евра). Просечната вредност за акција е 58.665,54 денари. Во првата половина од годинава имало 585 трансакции.

    Во шестмесечната берзанска статистика се регистрирани 11.721 трансакција и вкупен промет од 4.379.661.757 денари, што соодветствува на износ од 71,2 милиони евра. Во оваа сума најголемо е учеството на петте најтргувани акции, од 43,5 милиони евра. Исто како и кај бројноста на транскациите – со 9.545 купопродажби.

    Во класичното тргување е реализиран промет од 3.095.292.474 денари (50,5 милиони евра), проследено со раст од 9,82 насто. Во тие рамки, придонесот од тргувањето со акции е 2.596.485.704 денари (42,2 милиони евра), при што годишната промена е плус 17,46 проценти.

    Од друга страна, тргувањето со обврзници драстично е намаленоза 79,59 отсто, со реализација од само 45.331.737 денари (737 илјади евра). Исто така, и блок-трансакциите се во опаѓање (-27,19%), со вредност на прометот од 758.573.283 денари или 12,3 милиони евра.

    Најактивен месец на Македонска берза бил јануари со остварен промет од 949.362.671 денар (15,4 милиони евра) и со раст од 21,68 насто споредено со јануари 2024. Најнискиот промет е забележан во март, со сума од 443.101.110 денари, односно 7,2 милиони евра. И покрај тоа, годишната промена е позитивни 10,12 проценти.

    Вкупната пазарна капитализација на Македонската берза достигна 359.138.262.826 денари или 5,83 милијарди евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично