ПОВЕЌЕ

    АСО се подготвува за воведување на МСФИ 17 – Трансформација на осигурителниот сектор до 2028 година

    Време зa читање: 3 минути

    Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) го започна процесот на подготовка за примена на Меѓународниот стандард за финансиско известување – МСФИ 17, кој се однесува на договорите за осигурување. Според македонската регулатива, стандардот треба да стапи во сила од 1 јануари 2028 година, а до тогаш, сите учесници на пазарот на осигурување ќе треба да го прилагодат своето работење и да ги имплементираат неговите барања.

    Оваа сложена, но значајна реформа има за цел да го подобри квалитетот, прецизноста и транспарентноста на финансиското известување во осигурителниот сектор. Во основа, ќе придонесе за поодговорно и поефикасно работење на осигурителните компании, што директно значи подобра заштита за осигурениците – корисниците на нивните услуги.

    За таа цел, АСО организираше петдневна обука и работилница на која учествуваа повеќе од 50 стручни лица од осигурителни компании, пензиски фондови, супервизори од АСО и овластени сметководители. Обуката беше организирана во соработка со Центарот за реформи во финансиското известување и известување за одржливост при Светската банка, а ја спроведе Дарел Скот, реномиран експерт и поранешен член на Одборот за меѓународни сметководствени стандарди (IASB), кој директно учествувал во развојот и усвојувањето на стандардот.

    МСФИ 17 е задолжителен на глобално ниво од 2023 година, а во Македонија ќе се применува од 2028. Станува збор за една од најзначајните регулаторни промени во осигурителниот сектор. За разлика од претходниот стандард МСФИ 4, кој дозволува различни сметководствени практики од земја до земја, МСФИ 17 воведува единствен модел за признавање на приходи и обврски.

    Тоа значи дека осигурителните друштва ќе мора попрецизно да ги проценуваат своите идни обврски од склучените осигурителни договори и точно да определат кога тие приходи може реално да се признаат во своите финансиски извештаи. Клучна новина е и тоа што профитот и ризиците ќе се следат во текот на целото времетраење на договорот, со што се спречува можноста за временски манипулации со добивките.

    Оваа промена ќе овозможи подобра споредливост и доверба во финансиските извештаи, како за инвеститорите, така и за регулаторите, аналитичарите и осигурениците. Ќе придонесе за повисока транспарентност, унапредено корпоративно управување и поголема стабилност на осигурителниот систем.

    Финансиските експерти очекуваат дека примената на МСФИ 17 ќе ја зголеми довербата во осигурителниот сектор и ќе ја подобри одговорноста на друштвата кои управуваат со средствата на граѓаните.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично