Со додадените 9,43 проценти кон својата вредност, акцијата на Хотели Метропол Охрид оствари најголем раст во јуни. Просечната цена го достигнала нивото од 290 денари, откако пртходно, мај го завршила со 265 денари. Во текот на минатиот месец се реализирале 12 купопродажни трансакции со истргувани 8.078 акции и промет од близу 38 илјади евра. Со тоа е обезбедена деветтата позиција меѓу десетте најтргувани акции.
Втор на позитивната листа е Скопски пазар. На 30 мај акцијата вредела просечни 7.000, а на 30 јуни – 7.500 денари, што претставува нагорно движење од 7,14 насто.
Следи акцијата на Македонијатурист со растот од 6,38 проценти и со исчекорот од 9.400 на 10.000 денари. Со оваа акција не се тргува многу во последно време, односно во јуни се регистрирани само седум трансакции, количина од 158 акции и промет од нешто над 25 илјади евра, така што не е рангирана меѓу првите 10 акции. Сепак, сегашниот статус на акцијата е подобар во споредба со мајскиот, кога беше на второто место на листата со најголем пад.
Просечната вредноста на акцијата издадена од Тутунски комбинат е 290 денари. Месечната промена е 5,45 проценти, затоа што на последниот ден од мај чинела 275 денари.
Во петорката со најголем раст е и акцијата на скопски Алкалоид. Во текот на јуни вредноста нараснала за 4,26 насто. Од 26.597,31 денар во мај, вредноста на фармацевтската акција дошла до 27.730,66 денари во јуни.
Од втората позиција меѓу акциите со најголем раст и во април и во мај, акцијата на Адинг се појавува како предводник на листата што ги регистрира најголемите падови на Берзата. За еден месец изгубила 8,70 проценти – од 2.300 се спуштила на 2.100 денари.
Многу минуси на Берзата во јуни – Како поминаа најтргуваните акции?
Такво префрлување од плус кон минус има и кај акцијата на Окта. Вредноста се намалила за 6,98 отсто. Во мај чинела просечни 4.999, а во јуни 4.650 денари. Според растечките движење во петтиот месец, беше на петтото место.
Пад има и кај акцијата на НЛБ банка, која е меѓу најтргуваните на Македонска берза. Нејзината мајска вредност била 60.864,33 денари, а на крајот од минатиот месец – 57.000 денари. Станува збор за минус од 6,35 проценти.
Акцијата на Стопанска банка Скопје во мај беше трета според растот, а во јуни е четврта по падот од 5,75 отсто. Или, од 3.048,89 денари, просечната цена се намалила на 2.873,63 денари.
Листата завршува со Реплек. Акцијата, која на 30 мај чинела просечни 16.001 денар, на 30 јуни вредела 15.095,02 денари. Падот што и ја обезбедил последната позиција на оваа листа изнесува 5,66 проценти. Минатиот месец имало 83 тргувања со оваа акција, а со купопродажбата на 1.465 хартии од вредност, направен е промет од речиси 367 илјади евра.