Полуматурантите кои не се запишаа во средно образование во првиот јунски рок ќе имаат втора можност да го сторат тоа на 30 јуни, кога започнува второто електронско пријавување за упис во учебната 2025/2026 година. Според податоците на Министерството за образование и наука, на располагање има вкупно 16.034 слободни места во јавните средни училишта низ државата.
Потребната документација до училиштата ќе се доставува наредниот ден на 1 јули, а ранг-листата на запишани ученици ќе биде објавена на 2 јули до пладне. Во оние средни училишта каде што ќе има повеќе пријавени ученици со исти поени од слободните места, ќе се организира квалификациско тестирање на 4 јули.
Во средните училишта каде биле пријавени поголем број ученици со исти бодови од предвидени слободни места – во СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Скопје за образовните профили медицинска сестра и забен техничар на албански наставен јазик, во СОМУ „Гостивар“ – Гостивар за медицинска сестра на албански наставен јазик и во гимназијата „Георги Димитров“ – Скопје на македонски наставен јазик, беше спроведено квалификациско тестирање, согласно критериумите од Конкурсот на МОН.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска апелираше за реално оценување на учениците и нагласи дека новите законски измени предвидуваат наставничките совети повеќе да немаат можност за менување на оценки. Таа посочи дека успехот „со сите петки“ станал практика која го поткопува квалитетот на образованието.
Од вкупниот број, 10.758 места се за настава на македонски јазик, 4.781 на албански, 474 на турски и 21 место на српски наставен јазик. Се нудат 3.727 места во гимназиско образование и 12.307 во стручно, што ја потврдува тенденцијата за зголемен интерес за стручното образование.
И годинава е евидентен трендот од последните неколку години стручното образование да е попривлечно за учениците, што го покажаа и бројките од првиот јунски уписен рок, кога над двојно повеќе ученици се запишале во стручни училишта (9469) отколку во гимназиите (4243).
По првото аплицирање, спроведено од 14 до 17 јуни, вкупно се запишале 13 712 ученици од 16 601 пријавени. Од нив, 10 172 ученици се запишани за настава на македонски јазик, 3 248 за албански, 279 за настава на турски и 13 ученици за српски јазик.
(Фото: Фејсбук)