ПОВЕЌЕ

    Акцијата на Македонија осигурување со најголем раст на вредноста во мај

    Време зa читање: 3 минути

    Друштва од Скопје и од Битола се предводници на мајските листи на акции со најголем раст и најголем пад. Едната позицијата ја обезбедила со постигнатиот плус кај вредноста за речиси 20 проценти, а другата со минусот од 17 проценти. Во месечната статистика на Македонската берза е забележано дека овој пат во негативната група се акциите на три банки.

    Најголемото позитивно движење – за 19,83 проценти е остварено кај акцијата на Македонија осигурување АД Скопје – Виена Иншуренс Груп. На 30 април имала вредност од 1.190, а на 30 мај од 1.426 денари.

    За 299 денари зајакнала акцијата на Адинг. Тоа претставува раст од 14,94 проценти, со кои ја задржа втората позиција што ја имаше и во април, кога просечната цена изнесуваше 2.001 денар. Мај го заврши со 2.300 денари.

    Акцијата која минатиот месец се позиционираше како втора најтргувана на Берзата, според растот од 12,28 насто го зазема третото место. Станува збор за хартиите од вредност на Стопанска банка Скопје, чија просечна цена во мај е 3.048,89 денари, за разлика од априлските 2.715,41 денар.

    Четврта меѓу најтргуваните и четврта со остварената промена е акцијата на скопски Макпетрол, која има најголема разлика во вредноста – од 13 илјади денари. На последниот ден од април била со просечен износ од 106.000, а на крајот од мај, со додадените 12,26 проценти – 119.000 денари.

    Меѓу акциите со најголем растечки тренд е и издадената од Окта. Вредноста е повисока за 11,09 насто, или за 499 денари. Во април била 4.500, а на крајот од мај 4.999 денари.

    Во април ја предводеше позитивната листа, во мај негативната – акцијата на Стопанска банка Битола регистрира пад од 17,04 проценти. И од 3.893,44 се сведе на просечните 3.230 денари.

    Акцијата која лани беше во голем залет, по промената на сопственоста кај издавачот Македонијатуристе, како да се „приземји“, односно се намали интензитетот на тргување. Во мај се најде на второто место на листата со најголем пад, поради тоа што загуби 12,96 проценти или 1.400 денари од својата вредност. Падна од 10.800 на 9.400 денари.

    Четири проценти е месечната минусна промена кај акцијата на Прилепската пиварница. На 30 април имала просечна цена од 37.500 денари. А, на крајот од мај – 36.000 денари.

    Листата не ја смени, но од второто се спушти на четвртото место. Акцијата на ТТК банка втор месец по ред бележи намалување (овојпат помало) на просечната цена, во мај за 2,78 отсто. Со тоа ослабела за 50 денари, односно од априлските 1.800 на 1.750 денари.

    Акцијата на УНИ банка во април беше петта според растот на вредноста, а сега е на истата позиција, само со предзнак минус. Мајскиот просек е заокружен на 7.000 денари, откако претходно изнесуваше 7.147,62 денари. Месечната промена е за 2,07 проценти.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично