Априлската листа на акции со најголем раст ја предводи друштво од Битола, а со најголем пад компанија со адреса во Скопје. Едната, кон својата вредност додала 593 денари, а другата изгубила 15 денари, заведено е во последниот месечен извештај на Македонска берза.
Кај позитивните, лидер на месецот е Стопанска банка Битола со остварен раст од 17,98 процени. Во берзанската статистика е запишано дека на 31 март оваа акција вредела 3.300 денари, а на последниот ден од април – 3.893,44 денари.
Со промена од 11,17 проценти, второрангирана е акцијата на Адинг, која минатиот месец го завршила со просечна цена од 2.002 денар. Претходно била на нивото од 1.800 денари.
На средишниот дел од оваа листа се позиционирала уште една компанија од Битола. Кај акцијата на ЗК Пелагонија има месечна разлика од 250 денари. Процентуално промената изнесува 7,46 насто. Просечната вредност во март била 3.350, а во април 3.600 денари.
Од мартовските 420 денари, акцијата на Македонски телеком се поместила на 433,98 денари во април. Позитивниот исчекор е за 3,33 проценти.
Со предзнак плус е и акцијата на УНИ банка, чија вредност нараснала за 3,02 насто. Месецот го завршила со просечните 7.147,62 денари, откако претходно изнесувала 6.938,11 денари.
Најголемото опаѓање во април е регистрирано кај акцијата на Макстил, за 10,07 отсто. Се спуштила на 134 денари од мартовските 149 денари.
Минус од 9,86 проценти е евидентиран кај акцијата на ТТК банка. Изгубила безмалку 200 денари од својата вредност – во март чинела просечни 1.997, а во април 1.800 денари.
Нешто понизок процент на намалување, од 9,82 отсто, има кај акцијата на Окта, која месецот го заокружила со просечните 4.500 денари. Во март вредела 4.990 денари.
Падот од 8,73 проценти и ја обезбедил четвртатата позиција на акцијата издадена од Хотели Метропол Охрид. Промената ја заслабнала вредноста за 24 денари, или од 275 во март на 251 денар во април.
За 400 денари, пак, е послаба акцијата на ВВ Тиквеш Кавадарци, чија просечна априлска цена е 6.200 денари. Пониска е за 6,06 отсто од просекот постигнаат во март – од 6.600 денари.