Бил Гејтс ја заостри својата тековна расправија со Илон Маск, изјавувајќи за „Њујорк тајмс“ во ново интервју дека шефот на „Тесла“ всушност убива деца со „зачудувачките“ буџетски кратења што ги прави неговиот Оддел за владина ефикасност, позната како ДОГЕ.
„Тој е оној што го скрати буџетот на УСАИД“, изјави Гејтс за „Тајмс“. „Го стави во дробилката за дрво, бидејќи не отишол на забава тој викенд… Најбогатиот човек во светот е вмешан во смртта на најсиромашните деца во светот.“
Агенцијата на САД за меѓународен развој, односно УСАИД, која обезбедува странска помош и помош за развој на земјите низ целиот свет, беше во најголема мерка затворена од DOGE како дел од нејзината работа со администрацијата на Трамп.
Гејтс ги нарече луѓето што го прават кратењето „географски неписмени“.
Коментарите на коосновачот на „Мајкрософт“ дојдоа на денот кога тој ги објави плановите да донира 200 милијарди долари – речиси целото свое богатство – во текот на следните две децении преку Фондацијата Гејтс, глобалната здравствена организација со седиште во Сиетл, која ќе престане со работа на 31 декември 2045 година.
Гејтс и Маск разменија навреди во неколку претходни прилики.
Маск го нарече Гејтс „категорично луд“ во 2023 година во спор околу тоа што Гејтс ги шортираше акциите на „Тесла“ (short-selling). Во септември 2020 година, Маск рече дека Гејтс „нема поим“ кога станува збор за одржливоста на електричните камиони, а претходно го критикуваше Гејтс за купувањето на „Порше Тајкан“ како свое прво електрично возило.
За време на пандемијата Ковид-19, двајцата се судрија околу вакцините. Гејтс за CNBC изјави дека иако Маск прави „одличен електричен автомобил“ и неговите „ракети работат добро“, „високото ниво на скандалозни коментари“ се дел од позиционирањето на извршниот директор на Тесла.
Бил Гејтс во четвртокот вети дека ќе донира 200 милијарди долари преку својата добротворна фондација до 2045 година. 69-годишниот милијардер и коосновач на „Мајкрософт“ изјави дека ги забрзува своите планови за продажба на речиси целото свое богатство и дека ќе ја затвори фондацијата на 31 декември 2045 година, години порано од претходно планираното.
„Тоа ни дава јасност“, рече Гејтс. „Ќе имаме многу повеќе пари бидејќи трошиме во текот на 20 години, наместо да се трудиме да бидеме вечна фондација.“
Гејтс рече дека верува оти парите ќе помогнат да се постигнат неколку од неговите цели, како што се искоренување на болести како полио и маларија, ставање крај на смртните случаи што може да се спречат кај жените и децата и намалување на глобалната сиромаштија.
Неговата објава следи по потезите на владите, вклучително и администрацијата на Трамп, за намалување на буџетите за меѓународна помош што се користат за спречување на смртоносни болести и глад.
Претходно Бил Гејтс го држеше првото место на листата на најбогати луѓе во светот, а и сега удобно седи близу до самиот врв. Поранешниот технолошки извршен директор рече дека ќе им пренесе помалку од 1 процент од своето богатство на своите деца.
„Луѓето ќе кажуваат многу работи за мене кога ќе умрам, но јас сум решен дека „тој умре богат“ нема да биде едно од нив“, рече Гејтс во писмо во кое ја наведува својата одлука. „Има премногу итни проблеми за решавање.“
(Фото: Infowars)