Во буџетот нема пари за субвенционирање на придонесите. Владата нема против минимална плата од 30 илјади денари, но само под услов придонесите, односно трошоците да се намирени од работодавачите. Премиерот Христијан Мицкоски уште еднаш потврди дека договорот е прашање на синдикатите и на работодавачите. Владата е настрана од тоа, исто како и во поглед на давачките. Затоа што, ако се прифати предлогот на ССМ, тогаш вели, ќе се исцрпи буџетот и ќе нема пари за улици, градинки, училишта, канализации… Дали ова ќе ги предизвика работниците да излезат на улица, како што предупредија синдикатите?
„Доколку работниците и работодавачите се договорат за минимална плата од 30 илјади денари, при целосно покриени придонеси од работодавачите, ние тоа ќе го прифатиме, нема против“, изјави Мицкоски.
Воедно, укажува дека Сојузот на синдикатите на Македонија засега нема легитимитет за предлози и преговори. И како и претходно, повторно најави дека на следната владина седница ќе бидат предложени три члена од министерствата за економија и труд, социјална политика и за правда, односно ќе се формира комисијата која ќе ја утврди репрезентативноста на ССМ.
ЧИЈ Е СЛОБОДАН ТРЕНДАФИЛОВ?
Откако започна синдикалната битка за минималецот, од владејачката партија настапуваат со етикетирање на синдикалниот лидер Слободан Трендафилов, односно го квалификуваат како „гласноговорник“ на опозицијата, кој на „незаконски и крајно насилен начин“ е поставен за претседател на ССМ.
„За едните бев портпарол на ВМРО, за другите сум портпарол на СДСМ, и нивната перцепција секогаш зависи од позицијата во која се наоѓаат, односно дали се на власт или се во опозиција. ССМ работи за работниците, а ВМРО и СДСМ можат слободно да се обвинуваат меѓусебно, имајќи предвид дека и едните и другите кога беа на власт беа и се против работниците. Борбата за зголемување на работничките плати е чиста работничка борба“, напиша Трендафилов на ФБ, коментирајќи: „Добро друштво се 70.000 членови на ССМ и 600.000 работници, лошо е да сте во друштво на 120 пратеници и 24 министри“.
Инаку, од ССМ апелираа за побрзо формирање на комисијата која ќе ја потврди репрезентативноста на Синдикатот, за да може да се донесе минималната плата. Во меѓувреме официјално го доставија предлогот, да се утврди минималната плата, па износот да се зголеми за шест илјади денари. Продонесите за разликата да ги покрие државата, за период од 12 месеци. Тоа нема да претставува упад во даночната политика, а во буџетот ќе се слеат повеќе пари затоа што работниците повеќе ќе трошат. Исто така, посочија дека одбивањето на предлогот ќе биде повод за работнички протести.
„Секое работничко семејство треба да има приход од 1.200 евра“, децидна е Кристина Ампева од „Гласен текстилец“. Според неа, минималната плата мора да се зголеми на 31 илјада денари. Притоа, потсетува дека и покрај намалувањето на коефициентите врз кои се пресметуваат функционерските плати, нивните примања, сепак, се зголемуваат.
ПРЕСМЕТКИТЕ НА ОПОЗИЦИЈАТА ОПРАВДУВААТ ЗГОЛЕМУВАЊЕ
Предлогот на СДСМ, пак, е раст на платите во распон од три илјади до 15 илјади денари, или во просек, за 7.500 денари, без да се плаќаат придонесите за износот на зголемување. Ова се однесува на платите до 65 илјади денари, кои ги примаат 400 илјади работници.
На тој начин, за 12 месеци во џебовите на работниците ќе одат 585 милиони евра, а буџетот ќе има прилив од 58,5 милиони евра од данокот на личен доход од 10 проценти“, изјави во телевизиски настап пратеничката и поранешна директорка на УЈП, Сања Лукаревска. Според неа, ваквото законско решение би дало повеќекратна полза. Ќе се зголемат платите на работниците, ќе се зголеми ликвидноста на компаниите и ќе има повеќе средства во буџетот.
И од Левица најавуваат дека ќе поднесат законско решение, доколку власта го игнорира предлогот на ССМ. Порачуваат – „Ова не е популизам, туку неопходен чекор што реално ја одразува економската состојба и енормниот раст на животните трошоци“. Повикувајќи се на синдикалната кошница, на повисоките сметки за струја и воопшто на зголемените трошоци, ја критикуваат наклонетоста на власта кон капиталот и негрижата за животниот стандард на граѓаните.
„Левица го поддржува предлогот на ССМ. Зголемена минимална плата е неопходна за намалување на сиромаштијата и социјалните разлики. Доколку власта не покаже слух за својот народ, Левица како единствена партија која вистински се залага за работниците – ќе предложи законско решение во Собранието“, соопштија од партијата.
Наспроти сите аргументи за зголемување на минималната плата, дел од економистите предупредуваат дека потезите мора да се влечат внимателно, за да не се предизвика инфлацијата. Нивната препорака е да се следи растот на продуктивноста. Само така ќе се спречат негативните последици за економијата и работодавачите.
Според методологијата, минималната плата се утврдува секоја година во март, врз основа на движењата кај трошоците за живот и кај просечната плата. Засега е извесно дека од сѐ уште актуелните 22.567 денари ќе се помести за речиси 1.800 денари. Или, новиот износ ќе биде 24.400 денари. Всушност, нивото на минималното месечно примање го предлага Министерството за економија, откако претходно прагот е потврден од членовите на Социо-економскиот совет. Седницата би тебало да се одржи во текот на втората половина од месецов. Сумата што ќе ја одредат засега повеќе илјади вработени.
М.А.