ПОВЕЌЕ

    „МАКЕДОНИЈАТУРИСТ“ ГО КРЕНА ПРОФИТОТ ЗА 77,88% – Последни резултати од ерата на Доне Таневски и неговиот тим

    Време зa читање: 3 минути

    За високи 77,88 проценти е зголемен профитот на „Македонијатурист“, оперативната добивка е удвоена, а приходите бележат речиси 25-процентен раст. Резултатите за деловната 2024 ја објаснуваат минатогодишната опседнатост на инвеститорите со хотелско-угостителската компанија, што доведе до целосна промена на акционерската структура.

    Во заднината на берзанските купопродажни трансакции, „Македонијатурист“ бележела зголемен број ноќевања и искористување на капацитетите – и хотелски и ресторански. Паралелно со тоа, вишокот средства се инвестирале во хартии од вредност, од каде што лани се стекнати поголеми приливи по пат на добиените дивиденди. Ефектот од сето тоа се согледува во чистата добивка од 171,47 милиони денари, што е противвредност на 2,78 милиони евра. За споредба, профитит остварен во 2023 година изнесувал 1,56 милиони евра.

    Само од основната дејност, компанијата бележи оперативна добивка од 1,56 милиони евра. Или, за една година е направено удвојување, бидејќи претходната вбила во износ од 714 илјади евра.

    Основата на профитот се темели на приходите, кои лани белажат плус 24,71 процент. Станува збор за сума од 514,24 милиони денари, односно за 8,36 милиони евра. Во тие рамки оперативните приходи имаат раст од 22 насто и износ од 6,82 милиони евра. „Зголемувањето на приходите од продажба е резултат на остварениот поголем број на ноќевања, зголемената просечна цена по ноќевање, како и на зголемениот обем на дадени услуги од основната дејност“, наведуваат од „Македонијатурист“.

    Во ставката финансиски приходи, пак, се запишани 1,53 милиони евра. Проселдени со гподишно зголемување од 41 процент. По таа линија во 2023 биле заработени нешто повеќе од еден милион евра, а позитивниот исчекор „се должи пред сѐ на зголемениот износ на исплатени дивиденди од вложените средства во хартии од вредност во домашни и странски акционерски друштва, како и од зголемените каматни стапки по кои се вложени средствата на Друштвото“.

    Што се однесува до трошоците, повисоки се за седум проценти и достигнуваат 5,34 милиони евра. Од нив, 5,25 милиони евра се оперативни расходи.

    „Финансиски показатели како што се степенот на финансиска сигурност, степенот на самофинансирање и општата ликвидност на Друштвото се на доста високо ниво“, истакнуваат од компанијата.

    Во текот на минатата година имало инвестициски активности во хотелите: „Холидеј Ин“, „Бест Вестерн“, „Турист“, „Карпош“, „Белви“, а реновирани се и становите во сопственост на Друштвото.

    Овие резултати се од времето на некогаш најголемиот, а сега мали акционер, Доне Таневски, и неговиот тим. А, новата екипа предводена од „Скопски пазар“ најавува натамошни вложувања за модернизација и санација накапацитетите, подобрување на работните услови, што е можно поефикасно користење на ресурсите, намалување на трошоците. Целта е да се постигне уште подобар финансиски резултат.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично