Уште една солидна деловна година за НЛБ банка. Зголемена депозитна база, раст на кредитните пласмани, повисоки приливи и конечно, добивка од 53,6 милиони евра. Резултат за 2024, кој е за 2,4 проценти подобар од остваренениот во 2023 година. Тоа се должи на успешно спроведената деловна стратегија во сите сегменти од работењето, велат од НЛБ, која е во редот на трите најголеми и најуспешни банки во земјава.
Профитот на Банката во бруто износ е 62 милиони евра, со позитивно годишно помесување за 7,1 процент. Оттаму е платен данок од 8,3 милиони евра. Данокот е зголемен за 51,9 насто во однос на 2023, затоа што тука се влезени и процентите предвидени со Законот за минимален глобален данок на добивка.
Во текот на минатата година, вкупните депозити достигнале ниво од 1,74 милијарди евра, со забележан раст од 15,5 проценти. Во тој состав се тековните сметки и орочените депозити на граѓаните, каде што зголемувањето е за 20,8 проценти, а кај компаниите се работи за плус 17,8 проценти.
Што се однесува до кредитите одобрени на небанкарскиот сектор, односно на домаќинствата и на компаниите, тука е евидентиран раст од 13,6 насто и сума од 1,36 милијарди евра. Со тоа што позитивното движење кај граѓаните е 9,7, а кај компаниите високи 18,8 проценти.
По таа линија на кредитирањето, од наплатените и исплатени камати, НЛБ банка остварила нето-приходи од 75,45 милиони евра. Споредено со крајот на 2023, натфрлени се за 16,9 насто. А, пак, приливите обезбедени од каматите пораснале за 17,9 проценти и резултираат со 85,27 милиони евра.
Во доменот на приходите значајни се и средствата – 25,16 милиони евра, произлезени од наплатата за извршените банкарски услуги, односно преку провизиите и надоместоците. Кои за една година се поголеми за 16,8 проценти.
Курсните разлики и донеле чисти 5,3 милиони евра, а останатите приходи изнесуваат седум милиони евра. Оттаму, и вкупните приходи за 2024, кои се во износ од 113 милиони евра, со годишен раст од 15,5 насто.
Забележливи се и за 30,3 проценти повисоките вложувања во хартии од вредност. Се работи за сума од 335,8 милиони евра, инвестирани во државни обврзници и државни записи. Што упатува на тоа дека Банката има силна ликвидносна позиција.
На последниот ден од минатата година вкупната актива на НЛБ банка достигнала 2,13 милијарди евра. Во однос на претходната состојба бележи дополнителни 241,2 милиони евра. Или, раст од 12,7 проценти.