ПОВЕЌЕ

    Швајцарскиот Мигрос и рече „не“ на Кока-Кола

    Време зa читање: 4 минути

    На полиците на најомилениот швајцарски синџир маркети, Мигрос, зјаат големи дупки: недостигаат популарните пијалаци како кока-кола, фанта, спрајт, монстер. Точната причина зад ваквата одлука и натаму останува нејасна, но се претпоставува дека швајцарските трговци водат војна со гигантот Кока-Кола околу растечките цени на неговите производи.

    На празните полици стои љубезно извинување: „За жал, овој производ моментално е недостапен. Во преговори сме со добавувачот. Се извинуваме за непријатностите“.

    Муштериите на Мигрос залудно бараат кока-кола на полиците во овие маркети. Проблемот ја опфаќа групацијата во цела Швајцарија. Во зависност од продавницата, некои од производите (како кока-кола, фанта, спрајт или монстер енерџи) сѐ уште се достапни, но не во сите големини и варијанти.

    Како што пишуваат швајцарските медиуми, испораката е прекината поради тековните преговори меѓу швајцарскиот синџир маркети Мигрос и компанијата Кока-Кола. Двете компании го потврдија ова во понеделникот. Сепак, ниедна од нив не открива никакви детали. Се претпоставува дека спорот меѓу Кока-Кола и швајцарските трговци е поттикнат од високите цени на овој производител на пијалаци. Имено, уште минатата година Кока-Кола продолжи да го форсира зголемувањето на цените кај трговците.

    Предисторијата на конфликтот

    Ова не е првпат да се појавуваат напнатости меѓу швајцарските трговци и Кока-Кола. Сличен конфликт се случи меѓу мигросовата подружница Денер и гигантскиот производител на пијалаци уште во 2014 година.

    Тогаш, како одговор на оваа војна околу цените, синџирот маркети Денер во знак на протест увезуваше кока-кола од Чешка. Тоа беше голема победа за Денер и Марио Ирмингер, тогашен шеф на Денер, а денешен директор на Мигрос. За ова своевремено и многу се пишуваше во швајцарските медиуми.

    Во овие преговори интервенираше и швајцарската комисија за трговско натпреварување КОМКО (COMCO), која ја контролираше оваа трговска војна.

    Челниците на синџирот Мигрос, кој е познат и по тоа што не продава алкохол и кога станува збор за пијалаци остварува профит само од безалкохолните, ветуваат дека полиците повторно ќе бидат полни кога ќе завршат преговорите. Интересно е дека производите на Кока-Кола сѐ уште се достапни во сестринската фирма на Мигрос – Денер, која своевремено ја биеше истата битка. Ова укажува на вештината и богатството од преговарачки стратегии на групацијата Мигрос.

    Влијанието врз купувачите и индустријата на пијалаци

    Засега, купувачите во Мигрос мора да се откажат од своите омилени пијалаци или да се префрлат во други маркети, а Швајцарците се надалеку познати по својата лојалност на еден синџир маркети и не љубат големи промени во купувачката рутина. Секако дека ниту Мигрос не би сакал да загуби дел од своите купувачи, макар и привремено, но засега неговото раководство цврсто стои на своите позиции.

    Останува да се види колку ќе траат овие неизвесни преговори и дали ќе има промена на цените за погодените производи. Актуелниот судир меѓу Мигрос и Кока-Кола би можел да влијае и врз целокупната индустрија на пијалаци. Ова покажува дека ни големите брендови како Кока-Кола не се имуни на тешки преговори за цените на своите производи.

    Експертите внимателно ја следат ситуацијата, а исходот од преговорите потенцијално би можел да постави преседан и нови стандарди за идните расправи меѓу трговците и добавувачите.

    Сепак, тие тврдат дека овојпат нема да се случи паралелен увоз на производите од Кока-Кола за премостување на недостигот.

    „Овие безалкохолни пијалаци би требало да бидат повторно достапни наскоро, преговорите се во тек. Полиците би требало постепено да се наполнат во текот на наредните недели“, велат од Мигрос.

    Мимоза Петревска Георгиева

    (Дописник на Пари од Швајцарија)

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично