За девет блок трансакции вредни 315.276.500 денари или 5,12 милиони евра, преку кои се купени 33.187 акции што носат 7,34 отсто од сопственоста на „Македонијатурист“, информира денес Македонска берза. Цената за акција е 9.500 денари, додека номиналната е 25,56 евра.
Вжештена е битката за превласт во хотелско-угостителската компанија, а непознато е дали влегува во завршната фаза. Исто така, засега нема ни информација, а ни шпекулација за тоа кој од двата табори ги купил акциите од последниве блокови.
Берзанските податоци, пак, покажуваат дека вредноста на деветте трансакции се движи од 96,7 илјади до 2,06 милиони евра, количината на купени акции од 626 до 13.345, а обезбедуваат од 0,14 до 2,95 проценти од почетниот капитал.
Еве што содржи објавата.
Најголем е првиот блок, преку кои инвеститорот или инвеститорите стекнал(е) 13.345 обични акции, за кои се изброени 126.777.500 денари (2,06 милиони евра). Тоа претставува 2,95% од основната главнина.
Втората трансакција чини 7.495.500 денари (близу 121,9 илјади евра) со кои се купени 789 акции, односно 0,17%.
За количина од 1.620 акции, кои носат 0,36% од почетниот капитал, во третиот блок се дадени 15.390.000 денари (250,2 илјади евра).
Под број 4 – 4.244 обични акции за 40.318.000 денари или 655,5 илјади евра, што значи 0,94%.
Наредниот блок има вредност од 26.400.500 денари (околу 429,3 илјади евра). Купени се 2.779 акции или 0,61%.
Меѓу поголемите е шестиот пакет од 5.779 акции, кои претставуваат 1,28% од основната главнина и тежи 54.900.500 денари, односно 892,7 илјади евра.
Најмалиот и меѓу сите, најевтин блок, чини 5.947.000 денари (96,7 илјади евра). Обезбедува 626 обични акции и 0,14%.
Претпоследната трансакција од овој серијал содржи 3.068 акции (0,68%) и вреди 29.146.000 денари или 473,9 илјади евра.
И конечно, деветтата блок-трансакција: во 937 акции кои значат сопственост од 0,21%, вложени се 8.901.500 денари, што е еднакво на 144,7 илјади евра.
На овие девет им претходеа 29 блокови распоредени во последниве три месеци, забележани во берзанската статистика.
Во меѓувреме, Соња Бибановска, долгогодишната директорка во „Македонијатурист“ и блиска соработничка на Доне Таневски уште од времето пред осамостојувањето на државата, ги продаде сите свои акции. Таа постигна највисока цена од 11.070 денари за акција и заработи над девет милиони евра. Нејзиниот пакет зафаќаше 11,27 отсто од основната главнина на компанијата.
А, пак, градежната фирма „Изо стоне“ од Тетово влезе во сопственичката структура и поседува 6,62 проценти од акциите. Веќе пишувавме „Изо стон“ лани остварила вкупни приходи од 2,4 милиони евра, за 28,46% помалку во споредба со 2022 година. Остварената добивка е 886 илјади евра и има раст од 23,82%.
И покрај сите блокови и купопродажби на акции, Доне Таневски и натаму е најголемиот акционер во чија сопственост се 23,4 отсто од акциите. Барем засега.