ПОВЕЌЕ

    КОНЦИТЕ НА ПРОФИТОТ ПРЕД КИНЕЊЕ – Вложувањето во акции го задржа „Тетекс“ во позитива

    Време зa читање: 2 минути

    Позитивни се резултатите од деветмесечното работење, иако „Тетекс“ памети и многу подобри времиња. За една година приходите се намалени за повеќе од 38 отсто, а профитот за 71,6 проценти. Во суштина, компанијата би забележала загуба, но тоа е избегнато благодарение на инвестирањето во акции, иако и приливите од дивиденди се пониски за над 44 проценти.

    Од јануари до септември, продажбата на производи и услуги на компанијата и донела 43.745 илјади денари (711 илјади евра). Тука се сметаат сите приливи од редовното работење – кирии, услуги и продажба на материјали, готови производи и стоки, од кои во истиот лански период биле обезбедени речиси 1,9 милиони евра.

    Во неревидираниот единечен биланс на успех е забележано и потфрлување кај финансиските приходи. Сегашниот износ од примените дивиденди е 43.225 илјади денари (702,8 илјади евра). Минатата година се работело за 1,2 милиони евра.

    Падот од 38,3 проценти има и кај трошоците. Евидентирани се единечни вкупни расходи од 74.500 илјади денари (1,2 милиони евра), наспроти ланските близу два милиони евра.

    Оттаму и крајниот финансиски резултат, односно добивката, која по одработените три тримесечија изнесува 11.455 илјади денари или над 186 илјади евра. За споредба, тој период во 2023 бил заокружен со сума од над 656 илјади евра.

    „Напорите на менаџментот на ТЕТЕКС АД, во  постоечките  услови на работа, се насочени кон менаџирање на постоечките расположиви капацитети на недвижен и движен имот, како и залихите на материјали, производи и стоки, за да се оствари приход  и позитивен резултат од работењето, согласно финансискиот план за 2024 година“, се очекувањата на компанијата наведени во образложението за остварените резултати.

    Најголемиот акционер на ТТК банка пред четири години целосно го прекина производството на текстил и се насочи кон други рентабилни активности, меѓу кои и вложувањето во акции, што во случајот се потврди како особено делотворно.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично