ПОВЕЌЕ

    „ПОШТА“ ИМА ЗАГУБА ОД 2,2 МИЛИОНИ ЕВРА, А ПРОМЕТ ОД 20,5 МИЛИОНИ ЕВРА: Бадијала висок промет, ако не знае да се работи

    Време зa читање: 3 минути

    Се продлабочува вкупната загуба на државната „Пошта“. Таа секоја година тоне, а според податоците од „Бизнис Мрежа“, минатата година остварила нова загуба од 2,2 милиони евра. Во 2022 година, пак, загубата била уште поголема и изнесувала 3,7 милиони евра. Заклучно со 2018 година, според последниот ревизорски извештај на Државната ревизија, дотогаш акумулираната загуба била 10 милиони евра.

    Лошата финасиска состојба е долгорочен проблем на АД „Пошта на Северна Македонија“. Нејзиното работење е проследено и со низа скандали, загрижувачки наоди од ревизорите, штрајкови на вработените. Претходната влада најавуваше и нејзина продажба. Но, работите одат само на полошо. Се трупаат административци, а на терен ретко има кој да работи. Во „Пошта“ има дури 1.850 вработени и пак нема кој да носи писма, пратките доцнат, па многу пати и воопшто не стигнуваат. Како што неофицијално дознаваме, ова многу ги разлутило и „Али експрес“ и „Али Баба“ кои имале сериозни разговори со нашата пошта, а исходот може да биде загрижувачки.

    Од друга страна, „Пошта“ и не е за жалење во однос на прометот. Но, очигледно бадијала промет, ако се прават бесмислени трошоци и ако од него не знае да се заработи. Ланските податоци покажуваат дека „Пошта“ направила промет од дури 20,5 милиони евра, а тоа е за 5,1% повеќе отколку во 2022 година, кога имала промет од 19,5 милиони евра.

    Финансиски резултат на АД „Пошта на Северна Македонија“

    (во милиони евра)

    Извор: „Бизнис Мрежа“

    Вработените на АД „Пошта“ на 22 мај годинава во сите подружници во земјава одржаа протест барајќи исплата на платата за април и итно отпочнување на реформи за реорганизација и оптимизација во работењето, поради, како што нагласија, сериозноста на состојбите во која е доведено опстојувањето на компанијата, зачувувањето на работните места на вработените и егзистенцијата на нивните семејства. Тие се заканија и со генерален штрајк на 6-ти јуни кој не се одржа, затоа што сè уште не беше конституирана нова влада. Тогаш рекоа дека го чекаат новиот министер за транспорт и врски за да разговараат со него. Овој жежок костен сега е во рацете на министерот Александар Николоски.

     

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично