ПОВЕЌЕ

    Ангеловска-Бежоска за МТВ: Пристапувањето во СЕПА ќе донесе заштеда од половина милијарда евра за земјите од Западен Балкан

    Време зa читање: 3 минути

    Доставувањето на барањето за членство во Единствената област за плаќања во евра, СЕПА историски исчекор, којшто ќе донесе голем број придобивки, бидејќи ќе овозможува пристап до европскиот платежен систем и користење на придобивките од тој систем пред земјата да стане членка на ЕУ, истакнува гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за Македонската радио телевизија.

    Според неа значајно ќе се намалат трошоците за прекуграничните трансакции со пристапувањето во СЕПА, а придобивките за граѓаните и за компаниите ќе бидат големи, а тоа ќе значи покрај поевтин и побрз, безбеден, едноставен и ефикасен начин за безготовински плаќања во евра кон земјите членки на СЕПА (36 земји)Според студија на Светска банка прекуграничните плаќања во регионот на Западен Балкан се до 6 пати поскапи од плаќањата во ЕУ, а подолг е и нивниот период на извршување, а со влезот во СЕПА тоа ќе се промени, вели гувернерката. 

    „Тековно за да се изврши едно меѓународно плаќање потребни се најмалку неколку дена, а членството ќе значи плаќање, односно реализирање на платежните трансакции во тек на еден ден, а доколку се работи за користење на инстант платежен систем тогаш дури и за само 10-тина секунди ќе може да се реализира плаќањето. Поконкретно ако се фокусирам на граѓаните, ова особено ќе биде значајно за дознаките, бидејќи тие кај нас, па и во регионот на Западен Балкан играат значајна улога во економијата, достигнувајќи дури и до 15 % од БДП. Според Светска банка трошоците за извршување на дознаките можат да се преполоват на ниво од околу 3 %, а сето тоа на ниво на регион на Западен Балкан може да резултира со заштеди од дури половина милијарди евра”, посочува гувернерка Ангеловска-Бежоска, нагласувајќи ја улогата на брзината на трансферот на средствата што е особено важна за компаниите при носењето на бизнис одлуките.

    „Во однос на компаниите, брзината и намалувањето на трошоците се многу значајни  елементи коишто можат да ја поттикнат уште повеќе трговијата, инвестициите , секако тоа на крај да резултира со повисок економски раст. Дури има проценки дека овој процес може да ја намали и сивата економија за 2 процентни поени во регионот на Западен Балкан”, потенцира Ангеловска-Бежоска. 

    Гувернерката посочи дека изминативе години Народната банка во соработка со Министерството за финансии, Управата за спречување на перење на пари и други институции интензивно работеше на усогласување на нашата регулатива со европската. Најголем исчекор е направен со Законот за платежни услуги и платежни системи којшто беше усвоен минатата година.

    „Но, она што останува да се финализира е усвојување на измени на Законот за спречување на перење на пари, коишто впрочем се и веќе подготвени, се во фаза на финализација. Доколку ова се реализира во скоро време, се усвојат од страна на Собранието измените на овој Закон, мислам дека може да се надеваме на позитивен исход до крајот од оваа година”, вели Ангеловска-Бежоска. 

    Гувернерката во интервјуто на вестите на МТВ се осврна на повеќе актуелни прашања во врска со тековната состојба со инфлацијата и состојбите во банкарскиот сектор.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично