ПОВЕЌЕ

    Фирмите со интерес за „зелени“ проекти – кредитирањето со годишен раст од 29 проценти

    Време зa читање: 2 минути

    Петпроцентен е кварталниот раст на „зелените“ кредити, додека на годишна основа е забележано зголемување од 29,1 насто, покажуваат податоците за последното тримесечје од минатата година, што ги објави Народната банка. Состојбата се следи од крајот на 2019 година, па оттогаш нивото е повисоко за 2,8 пати. Во суштина, под „зелените“ кредити се подразбираат заемите одобрени за проекти кои поддржуваат одржливи, еколошки цели, сѐ во насока на зелената транзиција и развојот на нова еколошка технологија.

    По таа „зелена“ основа, износот од 19.863 милиони денари или над 322 милиони евра го побарувале банките на крајот од минатата година. Споредбените податоците, пак, покажуваат дека во 2019 се работело за 7.176 милиони денари, односно за повеќе од 116 милиони евра. Информациите од Народната банка упатуваат на фактот дека растот на зеленото кредитирање произлегува од интерсот на фирмите за овој вид наменски кредити, кои најмногу се добивале од големите банки.

    Во вкупните кредити уделот на „зелените“ е 4,5 отсто, за разлика од крајот на 2019, кога бил 2,2 проценти. Од Народната банка посочуваат дека и покрај процентуалниот раст, сепак нивното учество сѐ уште е на ниско ниво.

    Народната банка, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија. Преку низа активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на зеленото финансирање, вклучувајќи ги и монетарните мерки. Народната банка изработи Среднорочен план на активностите во доменот на управување со ризиците поврзани со климатските промени за периодот 2023 − 2025 година, а неодамна заради подобрување на расположливоста на податоците за климатските промени објави и Преглед на зелените показатели коишто ќе помогнат во анализите за понатамошно носење политики. Се гради и зелено портфолио на хартиите од вредност во девизните резерви. За оцена на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени се планираат стрес-тестови.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично