ПОВЕЌЕ

    ВРАЌАЊЕ НА „ОТПИШАНИТЕ“ ВО ПРЕДИЗБОРИЕТО: Пензиите македонски, ветувањата скандинавски

    Време зa читање: 6 минути

    Храна, сметки, лекови… и пензијата ја нема. Така ќе биде и со наредната, со пресметаните 5,3 проценти од мартовското усогласување, коментираат пензионерите, кои за себе велат дека се припадници на „отпишаната“ категорија граѓани. Не кријат дека со душа го чекаат први, но овој априлскиот нема воопшто да е смешен. Нервозата ја креваат цените кои од почетокот на месецов не се под контрола на владините мерки. Убедени се дека поскапувањата веќе имаат „изедено“ и дел од пензијата, заедно сосе додатокот што им следува. А, тој додаток за 24.636 корисници на најниската пензија од 12.528 денари значи плус 664 денари. Кои, тешко дека ќе имаат какво било влијание врз пензионерскиот стандард.

    Сепак, доаѓаат пензионерските пет минути. Нешто како враќањето на „отпишаните“ во предизборниот период. Ќе има живот, барем декларативно, за сите 338.188 пензонери, колку што ги има во февруарската статистика на Фондот за пензиското и инвалидско осигурување.

    САМО 0,8% ОД ПЕНЗИИТЕ СЕ НА НИВОТО ОД ПОТРОШУВАЧКАТА КОШНИЦА

    Бројките на ПИОМ покажуваат дека 86.907 пензионери функционираат со најниските законски пензии. Зависно од периодот на пензионирање, нивните примања се движат од 12.528 до 16.058 денари. За последнава највисока од најниските суми, пресметаните 5,3 насто носат 851 денар. Понатаму, пензиите од 20.175 денари ќе се надополнат за 1.069 денари, од 31.859 за 1.688 денари, од 54.588 за 2.893 денари.

    Од другата страна се малубројните – 2.724 лица кои во пензионерската структура учествуваат со 0,81 отсто. Нивните примања се над 54.588 денари, износ што е некаде на нивото од минималната потрошувачка кошница.

    Најтесен е кругот сочинет од корисниците на највисоките пензии. На нивните сметки месечно се исплатуваат по 76.035 денари, кои сега по мартовското усогласување добиваат уште 4.029 денари. Тие 19 лица, кои своевремено го одработиле и платиле (преку придонесите) финансискиот спокој во пензионерските денови, сега немаат потреба да ги слушаат партиските ветувања и лицитирањето – кој ќе даде повеќе.

     

    Во структурана најдоминантна е групата пензионери со примања во распон од 12.529 до 16.058 денари. Станува збор за 118.739 лица, со удел од 35,11 проценти. Следни се корисниците на пензии од 20.176 до 31.859 денари – 93.598 на број или 27,68 отсто.   

    Меѓу корисниците најбројни се оние кои пензијата ја стекнале врз основа на работното право – 337.369. По воено се 774, а по земјоделско право 45.

    Во февруари била исплатена просечна пензија од 20.116 денари. Во тие рамки, највисок е просекот на воената пензија – 28.425 денари, а најнизок на земјоделската од 10.447 денари. Во средината се старосната со 21.684 денари, инвалидската со 17.849 и семејната со 15.861 денар.

    Состојба на корисници на пензија по групи на исплата за јануари

    Статистиката на ПИОМ вели дека во вториот месец од годинава списокот е обновен со 1.223 нови пензионери. Меѓу нив 851 маж и 372 жени. Патот, пак, завршил за 1.233 лица, 954 пензионери и 279 пензионерки. А, пак, 1.360 семејства на починати пензионери во февруари добиле посмртнина од вкупно 9.630.000 денари (754,6 илјади евра). Месечниот прилив е 9.630.000 денари (156,2 илјади евра). За таа намена, односно за пополнување на солидарниот фонд, задршка била направена од пензиите на 318.905 корисници на пензија.

     

    ВЕТУВАЊА И НАДДАВАЊА КОЈ ЌЕ ДАДЕ ПОВЕЌЕ

    Во овој период политичките партии ги демантираат поплаките на пензионерите дека се „заборавени“ и оставени на „општествените маргини“. Уште официјално не е започната предизборната кампања, а понуди има полна капа. Од настапите, некој од страна може да добие впечаток дека македонските пензионери, според третманот, се на врвот од општеството, по примерот на скандинавските држави.

    Просечната пензија ќе биде 500 евра, најавија од СДСМ, посочувајќи дека имаат „јасен, конкретен и издржан план за европска иднина, преточен во новата изборна програма“, во која клучните столбови се „повисок животен стандард, европски плати и пензии“. Ќе биде, но за четири години, во 2028. Тогаш минималната пензија би требало да е 20.000, а просечната  30.000 денари.

    Имаат и дополнителна мерка – новогодишен пакет од 100 евра за секој пензионер во државата.

    За досега сработеното на ова поле велат дека ги исполниле ветувањата: „Просечната пензија порасна, ја зголемивме за 6.400 денари, а минималната за 50 проценти“.

    „За пет илјади денари поголема пензија за сите пензионери во рок од една година од формирањето на новата влада“, зачестено најавуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Оваа мерка е дел од  нивната програма „Платформа 1198“.

    И министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, кој е претставник на оваа партија во техничката Влада, уште веднаш нагласи дека со првото годинешно усогласување зголемување нема, туку само „дополнување“ на пензиите.

    ТАБЕЛА движење на процентите за усогласување на пензии по години

    Според партиските ветувања, ќе нема сиромашни пензионери. Пензиите ќе бидат многу повисоки и подостоинствени, а со тоа пензионерскиот стандард ќе достигне завидно ниво. Сепак, од ССМ испратија порака до учесниците за „спуштање на топката“, односно да запрат со нереалните ветувања.

    ПАРИ АНАЛИЗА: Какви се просечните плати во земјите од поранешна Југославија?

    Впрочем, и познавачите на состојбите постојано укажуваат, особено откако минатата година зачестија пензонерските протести, дека нема шега со пензискиот фонд. Неговата рамнотежа е сериозно разнишана, па секое популистичко зголемување на пензиите ќе претставува удар од кој може да колабира.

    Оттаму, извесно е само дека и понатаму ќе има порамнување на пензиите со просечната плата и со животните трошоци, методологија која ги штити овие придвижувања од политчките влијанија на владејачките гарнитури.

     

    новинар: Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично