ПОВЕЌЕ

    И ГЕРМАНЦИТЕ ДОБРО ПЕЧАЛАТ КАЈ НАС – Кои фирми прават огромни приходи и профити?

    Време зa читање: 4 минути

    Германија е најголемиот трговски партнер на Македонија, но и многу нејзини компании најдоа добро тло за работа во нашата земја. Тука има над 200 компании со германски капитал и тие вработуваат над 20.000 наши сограѓани.

    Сѐ што се случува во германската економија силно влијае врз нашата економија. Моменталната тамошна состојба не е розова. Германската економија е во рецесија, а кога таа ќе кивне, нас може да нѐ фати сериозен грип.

    „Економската активност во ЕУ во 2023 година се очекува да остане слаба и да забележи раст од 0,7 %, додека во 2024 година растот е проектиран на 1,5 %. СР Германија, земја во која е насочен најголемиот дел од извозот на домашните компании, се очекува да закрепне и да забележи раст од 0,9 % во 2024 година, по проектираниот пад од 0,5 % во 2023 година“, се макроекономските проекции нотирани во Предлог-буџетот за 2024 година.

    Порталот Пари, во соработка со БизнисМрежа.мк, направи анализа на десетте најголеми компании каде што во сопственоста има запишано и германски сопственик – по приход, добивка, број на вработени и плати.

    КОСТАЛ СО НАЈГОЛЕМ ПРИХОД, НО БЕЗ ДОБИВКА

    Десетте најголеми компании по приход во кои има германски сопственик (може во сопственоста да има и друг сопственик, од друга земја или од Македонија) во 2022 година направиле приход од 466 милиони евра.

    Притоа, најголем приход направила охридската Костал – 127,3 милиони евра. Но специфично е дека оваа компанија лани немала добивка, за разлика од 2021 година, кога направила добивка од 750.000 евра. Од друга страна, приходите на компанијата се зголемиле за 34 % од 2021 до 2022 година.

    Ниту една друга компанија од ТОП 10 по приход со германски сопственик не е без добивка.

    Како што може да се види од податоците, најприходните компании се поврзани со автомобилската индустрија, но тука е и Гентерм – глобална, иновативна компанија – лидер во областа на термални технологии, како и претставништвото на најпознатата компанија за пратки ширум светот, ДХЛ, а и нашата Везе Шари за производство на јајца, која има и германски сопственик.

    Во продолжение Пари ексклузивно ви овозможува да видите кои се десетте најприходни компании со германски сопственик, и колкави приходи направиле.

    ТОП 10 компании по приход во кои има германски сопственик, во 2022 година

    (во милиони евра)

    ВЕЛЕШКИ МАРКАРТ – ШАМПИОН ВО ПРОФИТ, НАПРАВИЛ 3,6 МИЛИОНИ ЕВРА

    Фабриката Маркарт произведува за реномирани германски и меѓународни европски автомобилски производители, како што се Мерцедес-Бенц, БМВ, Фолксваген, Ауди, Пежо, Цитроен, Рено. Лани, со приход од 125 милиони евра, таа била втора најприходна германска компанија во земјава, а истовремено е и прва по добивка, со профит од 3,6 милиони евра. Сепак, тоа е намален профит во однос на 2021 година, и тоа за 12 %. Освен во оваа компанија, профитот се намалил и кај телекомуникациската компанија Леистунгсверк ДООЕЛ Скопје, за 5 %, и кај гигантот за облека Њу Јоркер Македонија ДООЕЛ Скопје, за 22 %, додека другите компании со германски сопственик од ТОП 10 компании по добивка, имаат раст на добивките.

    ТОП 10 компании по добивка со германски сопственик лани направиле вкупен заеднички профит од 15 милиони евра.

    Во продолжение Пари ексклузивно ви овозможува да видите кои се десетте најпрофитни компании со германски сопственик и колкави добивки направиле.

    ТОП 10 компании по добивка во кои има германски сопственик, во 2022 година

     Инаку, иако „Кромбер и Шуберт“ е вообичаена асоциација на германска инвестиција, и  има високи приходи и добивка, според податоците на БизнисМрежа.мк, сопственикот на „Кромберг&Шуберт холдинг ДОО“ е со адреса во Австрија.

    Очекувајте анализа на Пари: Се исплати ли да се работи во германска фирма во Македонија?

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично