ПОВЕЌЕ

    Фон дер Лајен: Македонската економија може да се удвои со Планот за раст од ЕУ

    Време зa читање: 3 минути

    Планот за раст на економиите во земјите од Западен Балкан, кој ја опфаќа и македонската, се заснова на четири столба – отворање на заедничкиот европски пазар за компаниите од регионот, заокружување на проектот за заеднички регионален пазар, инвестиции и реформи во јавната администрација, јавните финансии, подобрена бизнис-средина, но и независно судство и борба со корупцијата. Ова го образложи во втората порака до македонската јавност претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски. Првата порака е за неопходноста од уставните измени.

    „Мора да ги зближиме нашите економии и ние веќе го правиме тоа. Гледајќи наназад, имаме план од 30 милијарди евра. Тој брзо се испорачува, на пример со соларните централи Осломеј и Битола. Инвестираме во обновлива енергија. Тоа е добро затоа што ни дава енергетска независност, а тука секако е и ветерниот парк во Богданци. Имате ветер, имате сонце, тоа се мошне важни ресурси за обновлива енергија“, посочи Фон дер Лајен, потсетувајќи на сериозната енергетска криза, на која „се спротивставивме заедно и поместивме планини“.

    Исто така укажа: „Ве поддржавме со 80 милиони евра, за да се справиме со влијанието на високите цени врз домаќинствата и бизнисите, ја обезбедивме енергијата што беше потребна во текот на зимата и бевме навистина успешни во тоа. Цените се намалија, се уште работиме на нивно натамошно намалување. Тоа беа времиња на предизвик, но важно е дека ги надминавме заедно и тоа беше факт во минатото, но исто така дискутиравме и за енергијата денес, дискутиравме и за иднината, за тоа кои и да се предизвиците во енергијата, треба да се справиме со нив заедно и да ги надминеме заедно“.

    ЕУ е подготвена да ја почне распределбата на сто милиони евра за макрофинансиска помош, што и претходно е најавено, па како што наведе таа, мора да правиме повеќе за спојување на економиите. Притоа, нагласи, стремежот е во текот на следната деценија македонската економија да се удвои, што е многу важно „на вашиот пат кон Европската унија“.

    Образложувајќи ги столбовите од Планот за раст, Фон дер Лајен укажа на можностите што ги носи, но и на обврските што треба да се исполнат.

    „Со првиот столб на вашите компании им даваме пристап до клучни делови на единствениот европски пазар. Всушност, ги отвораме вратите на единствениот европски пазар во седум различни, важни сектори“, рече таа.

    Понатаму, со вториот столб се утврдува заедничкиот регионален пазар со соседните земји. Простор кој, нагласи Фон дер Лајен, има огромен потенцијал и може да го зголеми БДП на Западен Балкан за десет проценти.

    Третиот столб ги содржи условите на кои треба да се одговори за да се користат придобивките од претходниот, а тоа не е ново, затоа што станува збор за реформите, кои се „од клучно значење“, нагласи претседателката на ЕК.

    „Потребни ќе ни бидат позитивни реформи, на пример, за бизнис средината и реформи за Северна Македонија, кои вклучуваат ефикасна јавна администрација, здрави јавни финансии, како и подобрена бизнис средина“, наведе Фон дер Лајен. Која, посебно ги акцентираше реформите во судството и борбата со корупцијата.

    Оваа понуда е вистинска во вистинско време, смета таа.

    Инаку, првата порака што ја упати претседателката на ЕК е за важноста на уставните измени, како услов за одржување на втората меѓувладина конференција меѓу земјава, при што изрази надеж дека отворањето на преговорите по кластерите ќе се случи годинава.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично