ПОВЕЌЕ

    ЦГK: Министерствата и општините најмалку информации објавуваат на темата – финансии

    Време зa читање: 2 минути

    Просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за годинава изнесува 76 од максималните 100 проценти. Во однос на ланската состојба (73%) има подобрување од само три процентни поени, покажува годишното рангирање на институциите од страна на Центарот за граѓански комуникации.

    Својата активна транспарентност годинава ја подобриле 54 отсто од институциите, за разлика од лани кога се подобриле 81 процент од институциите, наведено е во извештајот.

    Активната транспарентност на министерствата и Владата изнесува 86, а на општините 74 проценти. За разлика од лани, министерствата се подобриле за не цел процентен поен, а општините за четири процентни поени.

    Исто така, од ЦГК посочуваат дека исто како и лани, само две институции – Министерството за одбрана и Владата, имаат по максимални 100 насто затоа што ги објавуваат сите предвидени информации од активната транспарентност.

    Велес и Гевгелија, пак, се двете општини кои се на третата позиција со високи 99 проценти исполнетост на обврските за објавување информации според активната транспарентност.

    Од регионален аспект, на првото место е Источниот регион со 83 отсто активна транспарентност, а на последното место останува Скопскиот регион со 66 проценти активна транспарентност.

    Кога се работи за финансиите, и министерствата и општините објавуваат најмалку информации на таа тема. Општините само 57, а министерствата – 62 проценти.

    Наодите до кои дошле во ЦГК упатуваат на тоа дека се влошува состојбата со одговорите на барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, што им биле испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање.

    „Општините одговорија во просек за 16 дена (лани за 12 дена), а министерствата одговорија за 19 дена (лани за 16 дена). Само 65 отсто од институциите одговорија во рамките на максималниот законскиот рок од 20 дена (лани тоа го сторија 93% од институциите)“, се посочува во извештајот.

    Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, во кое се вклучени 98 институции – Владата и сите министерства и општините, е изработено во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, финансиски поддржано од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично