Податоците за примањата во Македонија на прв поглед делуваат оптимистички – нешто се движи. Просечна плата – речиси 35 илјади. Пензиите зголемени за 8,4 насто со просек 19.150 денари. Минималецот со раст од 12,55 насто и со износ од 20.175 денари. Можеби би било добро кога не би биле оние другите поместувања, кај цените и се уште двоцифрената инфлација. Но, и информаците дека триесеттина илјади работат, а не примаат плата.
Статистиката забележала и дека има повеќе од 300 илјади вработени чии плати се под просекот. На пример, во дејноста објекти за сместување и сервисни дејности со храна во март била исплатена просечна нето-плата од 25.798 денари. Нешто подобри се просечните 26.752 денари што го имаат работно ангажираните во административни и помошни услужни дејности. Овде спаѓаат и заштитните и истражните дејности, кои со своите 19.927 денари веројатно го намалуваат просекот. Во дејноста снабдување со вода; отстранување отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината во март биле исплатени просечните 27.491 денар. А, пак, во земјоделство, шумарство и рибарство – 28.243 денари.
Со 31.351 денар под просекот се и примањата во преработувачката индустрија. Всушност, во оваа дејност просекот го креваат платите што важат во делот производство на пијалаци – 50.379 денари, во производство на хемикалии и хемиски производи со 40.044 и во производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати со 55.221 денар.
И дејноста транспорт и складирање заостанува зад просечната плата, со својот просек од 31.923 денари. Во тие рамки најдобростоечки е воздухопловен транспорт со 47.500 денари.
Образованието во март било со просечна плата од 32.713 денари, а дејности во врска со недвижен имот – 32.977 денари. Трговијата на големо и трговијата на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли имале просек од 33.506 денари, уметност, забава и рекреација – 33.610 и градежништвото 34.553 денари. Сите овие дејности се на „опашката“, односно некои се подалеку, некои поблизу до просечната нето-плата исплатена по вработен од 34.925 денари.
Први над тој праг се јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување со 35.670 денари и дејности на здравствена и социјална заштита со 37.024 денари.
Следуваат други услужни дејности со 42.541 денар, а за малку е подобра просечната плата – 42.576 денари во стручни, научни и технички дејности. Овде просект го сочинуваат платите во управувачки дејности; советување во врска со управувањето со 49.718 денари, маркетинг (реклама и пропаганда) и истражување на пазарот – 50.623, останати стручни, научни и технички дејности – 59.368 денари.
На погорните нивоа, со 43.316 денари се снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација; рударство и вадење на камен – 49.582 денари и финансиски дејности и дејности на осигурување, каде што во март просечната плата била 50.876 денари.
Очекувано, на врвот се информации и комуникации со 67.973 денари. Тука партиципираат телекомуникации и просекот од 48.420 денари. Секако, за примањата од другите струки се недостижни платите од дејноста компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности, со просечни 90.848 денари исплатени во март.
Како за најсиромашна нација во евопски рамки и не е така лошо, може да помисли некој од страна. Тој привид го уриваат проблемите што ги предизвика зголемувањето на минималната плата, првенствено во јавниот сектор, при што дојде до нереални приближувања. Или, состојба на преценување и потценување на примањата кај одредени категории вработени. Оттогаш и се води битката за правилно, односно праведно вреднување на трудот. Во заштита на тие права се ангажираат синдикатите, кои тврдат дека е огромен бројот на административни работници чии плати се одвај над минималецот. Конкретно, велат, таков е примерот во над 90 отсто случаи. Додека плата, која е нешто над просечната, примаат единствено лицата кои се на позицијата државен советник.
Последниот во низата протести беше во организација на Синдикатот на просветните работници. Реагираат дека многумина од вработените имаат речиси двојно пониски примања од законски утврдената минимална плата, а како пример се наведуваат наставниците со мал број часови. Оттаму и барањето да добијат зголемување по теркот на функционерите.
Скоро 60 проценти од работниците се далеку од просечната нето плата
Е, за нив може навистина да се мисли – како за најсиромашни…, воопшто не е лошо. Со процентот со кој си ги зголемија месечните приходи, ќе го оправат просекот и на бруто и на нето исплатената плата по вработен за април. А, државната каса ќе трпи за дополнителни 15 милиони евра. Во меѓувреме, јавноста се уште е во очекување властите да го најдат соодветното решение со кое ќе си ги „вразумат“ платите.
Маја Анастасова