ПОВЕЌЕ

    Јавниот долг го достигна нивото од 60% од БДП

    Време зa читање: 6 минути

    ,,Во услови на COVID – 19  пандемијата постигнат е лимитот на јавениот долг од 60% од Бруто домашниот производ (БДП) и долгот е зголемен за 15 процентни поени. Во Република Северна Македонија и други држави во меѓународни рамки како одговор на здравствено економската криза не секогаш е обезбедено почитување на фискалните правила за управување со јавен долг и дефицит и има зголемување на нивото на јавниот долг”, се вели во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија посветен на јавниот долг.

    Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема Управување со јавниот долг – задолжување на Република Северна Македонија“.

    Ревизијата е извршена  согласно  Годишната  програма  за  работа  на Државниот  завод  за  ревизија  за  2020  година  и го опфаќа  периодот  од 2015 – 2020 година,  иако одредени области, прашања и настани се опфатени пред 2015 година и последователно до денот на  известување од извршената ревизија.

    Ревизијата е извршена со цел  да бидат дадени одговори на следните прашања:

    • Каков ефект има фискалната политика преку буџетскиот дефицит и  управувањето со јавните инвестиции кои се финансираат со средства од задолжување врз јавниот долг?
    • Дали  јавниот долг кој е зголемен за 15 процентни поени од Бруто домашниот производ во COVID-19 кризата и го достигна лимитот од  60 % од БДП, е одржлив?
    • Дали системот за управување со јавен долг овозможува ефикасно управување со јавниот долг на Република Северна Македонија преку обезбедување средства за финансирање на Буџетот на државата со најнизок можен трошок, на среден и долг рок и со одржливо ниво на ризик и издавање државни гаранции на начин кој одговара на одржливо ниво на ризик и одржување ефикасен и ликвиден пазар на државни хартии од вредност?

    Во ревизорскиот извештај е нагласено влијанието на фискалната политика во создавањето на јавниот долг. Во Република Северна Македонија, 75% од вкупниот јавен долг, односно 88% од државниот долг е за финансирање на буџетскиот дефицит поради проектирани повисоки расходи од приходи.

    Ревизорите ја истакнуваат потребата од применување на меѓународните добри пракси, кои не се предвидени во Уставот на РСМ и во Законот за буџети, како што се постоење на фискални правила за јавен долг и дефицит, вршење на задолжителна анализа на одржливост на долгот во постапката на донесување на Буџетот на РСМ, како и постоење на план за задолжување од страна на Собранието.

    Со Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 документ кој е поддржан со средства во ЕУ, планирани се значајни реформи во управувањето со јавните финансии. За периодот 2022 – 2025 година, во финална фаза е донесувањето на Програмата за реформи на управувањето со јавните финансии 2022 – 2025 година.

    Во предлог Законот за буџети кој е во собраниска процедура, предвидени се фискални правила и предвидено е формирање на Фискален Совет, како независно тело кое прави анализи и дава мислење за фискалната политика пред Собранието на РСМ.

    Графикон бр.1: Обработени податоци објавени на веб страната на Министерство за финансии од Сектор Трезор за приходи, расходи, капитални расходи и буџетски дефицит  во Буџетот на РСМ  за период 2014-2020.

    Преглед на јавниот долг

    Во ревизорскиот извештај, ревизорите утврдиле дека отсуството на посебен закон/подзаконски акт или стратешки документ за водење на јавните финансии во исклучителни околности/кризна или вонредна состојба, претставува ризик во управувањето со јавниот долг.

    Во Република Северна Македонија во COVID -19 кризата, јавниот долг е зголемен за 15 процентни поени од Бруто домашниот производ (БДП) и е постигнат лимит на јавен долг од 60% од БДП, што може да  го доведе во прашање прудентното (претпазливото) управување со јавниот долг  и одржливоста на јавниот долг во иднина.  

    Графикон бр.2 Состојба на јавен и државен долг како процент од БДП

    Grafikon 3

    Можноста за задолжување за финансирање на буџетскиот дефицит за тековната и наредните две години, овозможува носење на одлуки за задолжување кога условите на пазарот се најповолни, а со тоа и ефикасно управување со јавниот долг на Република Северна Македонија.

    ,,Сепак, за потенцирање е фактот дека во процесот на подготовка на Буџетот, не е предвидено усвојување на посебен план за задолжување од Собранието на РСМ, а постапките за издавање на еврообврзница, преговори на условите на заемот и доделување на on-lending[1] позајмувања на носителите на јавен долг, не се целосно уредени во законската регулатива, подзаконски акти или интерни процедури”, потенцираат државните ревизори.

    Исто така, ревизорите констатираа мал процент на реализација на капиталните проекти. Ваквата состојба е резултат на избор на проекти без прецизни и јасни критериуми, не предвидена Методологија за селекција на проекти, реализација на проекти кои не се во рамките на буџетскиот процес, како и отсуството на следење и надзор на проектите. Ваквите состојби влијаат на ефикасното, ефективното и економичното користење на јавните средства и на управувањето со јавниот долг.

    Задолжувањето со билатерален заем за изградба на автопати зависи од условите во Договорот за изградба кој е донесен во Собранието на РСМ како  посебен закон. За ова задолжување, ревизорите ја истакнуваат потребата за рекласификација од гарантиран во државен долг. Исто, така констатирани се недоволни капацитети во Секторот за меѓународни финансиски односи и управување со јавен долг во Министерството за финансии кои  влијаат на ефикасноста во управувањето со јавниот долг.

    Опфатот и доказите кои се обезбедени по пат на спроведување на техники и Методологија од страна на ревизијата, даваат основ да се изрази следниот заклучок:

    ,,Системот за управување со јавен долг со исклучок на одредени недостатоци овозможува ефикасно управување со јавниот долг на Република Северна Македонија. Поради дадената можност за задолжување за финансирање на буџетскиот дефицит за тековната и наредните две години придонесува за донесување на одлуки за задолжување кога условите на пазарот се најповолни, но постои ризик од задолжување кое не е одобрено од Собранието на РСМ”, заклучува ревизија.

    Понатаму, ДЗР посочува дека во процес на подготовка на буџетот не е предвидено усвојување на посебен план за задолжување  од Собранието на РСМ, а постапката за издавање на еврообврзница, постапката за преговори на условите на заемот и постапка за доделување на on-lending[1] позајмувања на носителите на јавен долг не се целосно уредени преку одредби во законската регулатива, подзаконски акти или интерни процедури. Задолжувањето со билатерален заем за изградба на автопати зависи од условите во Договорот за изградба кој е донесен во Собранието на РСМ како  посебен закон, за ова задолжување потребна е рекласификација од гарантиран во државен долг.

    Недоволните капацитети во Секторот за меѓународни финансиски односи и управување со јавен долг во Министерството за финансии и неговата институционална поставеност влијаат на ефикасноста во управувањето со јавниот долг, ревизорите ја истакнуваат како уште една причина за состојбата со јавниот долг.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично