
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на вчерашната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет изјави дека ребалансот на Буџетот за 2026 година предвидува дополнителни средства за капитални инвестиции, плати, субвенции и трансфери.
Тој посочи дека, според податоците за реализацијата на капиталните расходи, во 2024 година тие изнесувале 12,9 милијарди денари, додека во моментов достигнуваат 19,3 милијарди денари.
„Ако ги гледаме капиталните расходи, во 2024 година нивната реализација изнесуваше 12,9 милијарди денари, а сега достигнува 19,3 милијарди денари. Со ребалансот тие се зголемуваат за 4 милијарди и 747 милиони денари, што значи повеќе средства за реализација на проекти до крајот на годината. За плати се обезбедуваат дополнителни 1 милијарда и 128 милиони денари, додека субвенциите и трансферите се зголемуваат за 3 милијарди и 94 милиони денари“, рече Стојаноски.
Според него, дополнителните средства ќе бидат насочени кон земјоделството, железничкиот сообраќај, студентскиот и ученичкиот стандард, породилното боледување, мерката „Мој ДДВ“ и социјалните трансфери.
Стојаноски истакна дека капиталните инвестиции остануваат еден од приоритетите на Владата и оцени дека се работи на стабилизација на јавните финансии и реализација на инфраструктурни проекти.
„Не започнавме од нула, туку од, како што реков, дебел минус. Сега ја стабилизираме ситуацијата и веќе може да се види дека се градат галерии, автопати и експресни патишта. Уверен сум дека ќе бидат реализирани и проектите што беа споменати во расправата“, изјави Стојаноски.
Аналитика








