ПОВЕЌЕ

    ПЕНЗИОНЕРИТЕ НА МАКА: Староста е тешка, а пак, без пари…!

    Време зa читање: 6 минути

    Во вторник Скопје повторно ќе биде центар на масовни пензионерски протести. Пензионерите од Кочани, Штип, Свети Николе, Тетово, Куманово… се подготвуваат за ова собирање, во меѓувреме секојдневно изразувајќи го незадоволството во своите градови. Барањата се исти, само што износите во текот на месеците пораснаа, наместо 18 минималната пензија да е 20 илјади денари, а еднократното зголемување од 3.500 стана пет илјади денари. Колку повеќе се одолговлекуваат работите, и инфлацијата ги „јаде“ пензиите, толку ќе се зголемуваат барањата, категорични се пензионерите, кои дополнително се чувствуваат изиграни од последното усогласување кое во најавата беше со 6,8, а во реализацијата со пресметани 5,3 проценти.

    На првиот ден од ноември на нивните сметки „легнаа“ месечните примања за октомври, кои треба да се протегнат до крајот на месецот.

    А, и Фондот за пензиското и инвалидско осигурување ги објави статистичките податоци. За септември.

    По ново, односно со скратените 5,3 проценти, просечната пензија е на нивото на минималната плата – 20.122 денари. Вообичаено, најнизок е просекот на земјоделската – 10.403, а највисок на воената пензија – 28.642 денари. Во меѓупросторот се просечната семејната пензија од 15.872, инвалидската од 17.877 и старосната од 21.708 денари.

    НАЈВИСОК ИЗНОС ЗА 75, НАЈНИЗОК ЗА 85.424 ПЕНЗИОНЕРИ

    Според групите, пензија во висина до 12.528 денари користат 25.989 лица или 7,68 од пензионерите. Тука се сите 51 корисник на земјоделска и седуммина од воените пензионери. Со месечни примања до 16.058 денари живеат 116.549 лица (34,46%); до 20.175 денари – 67.394 (19,92%); до 31.859 денари – 94.134 лица (27,83%). Со износи до 54.588 денари располагаат 31.486 пензионери (9,31%). А, над оваа сума примаат само 0,79 отсто од корисниците на пензија, или 2.689 лица. И кај оваа бројка има промена. Заклучно со август, во статистиката на ПИОМ се оперираше со 1.532 приматели на високи пензии.

    Инаку, 75 лица се корисници на највисокиот износ од 73.503 денари. Од нив, тројца се приматели на семејна, еден на инвалидска, а 71 на старосна пензија.

    Од другата страна се пензионерите со најниски пензии – вкупно 85.424. Износот што го примаат е различен, зависи од периодот на заминување во пензија.

    Тоа се однесува на оние кои се пензионирале до 31.12.1996, вкупно 8.570 лица. Во првата група, каде што износот е 16.058 денари се 987 приматели, во втората група 2.084 корисници се со 15.739 денари, а третата група брои 5.499 лица со пензии од 15.331 денар.

    По групи се распоредени и 3.685 луѓе со остварено право на пензија од 1.1.1997. Во првата група се 322 лица кои имаат месечни примања од 13.982 денари, во втората најнискиот износ е 13.255 и има 732 корисници, а во третата група сумата е 12.528 денари со која располагаат 2.631 пензионер.

    Истото е и со 73.169 лица пензионирани од 1.1.2002. Најниската пензија во првата група е 14.680 денари, а ја примаат 6.516 корисници, во втората – 13.918 денари и 18.451 лице, а во третата – 13.155 денари и 48.202 пензионери.

    Статистиките на ПИОМ уште покажуваат дека во септември друштвото се зголемило за 1.887 нови пензионери, од кои мажи 1.198 и жени 689.

    ОД СОЛИДАРНИОТ ФОНД ИСПЛАТЕНИ НАД ШЕСТ МИЛИОНИ ЕВРА

    Истиот месец починале 1.119 пензионирани лица (891 маж и 228 жени).

    Ако не за целосно, барем за делумно покривање на погребните трошоци, нивните семејства добиле посмртнина од 30 илјади денари. Овие пари им следуваат на блиските на починатите пензионери, кои се сложиле да им се издвојува од пензијата за оваа намена.

    Бројот на пензионерите од чии примања месечно во солидарниот фонд одат по 150 денари, е во постојан пораст. Од 314.579 во јануари до 318.123 во септември. Оттаму и промените во приливите – од  9.506760 денари или 154,3 илјади евра до 9.632.040 денари, односно 156,3 илјади евра. Во овие девет месеци за солидарната пензионерска каса се обезбедени 1,39 милиони евра (86.198.040 денари). За повеќе од 156 илјади евра во споредба со состојбата од август (76.566.000денари/1,24 милиони евра).

     

    Месец Број на корисници на пензија од кои се прави задршка Уплатени средства до Сојузот на здруженијата на пензионери (денари)
    Јануари 314.579  9.506.760
    Февруари 314.989  9.529.350
    Март 315.268  9.536.550
    Април 315.474  9.541.890
    Мај 316.213  9.609.480
    Јуни 316.826  9.617.880
    Јули 316.989  9.597.000
    Август 317.618  9.627.090
    Септември 318.123  9.632.040
    Вкупно   86.198.040

     

    Во овој деветмесечен период се исплатени 373.890.000 денари, што е противвредност на над шест милиони евра (во август 5,5 милиони евра). Овие пари ги добиле семејствата на 12.463 починати пензионери.

    Откако почнаа протестите (и пред нив), заедно со задршката на овие пари, многу се зборува и за месечната членарина од 30 денари. Пензионерите се сомневаат дека со парите што се слеваат во Сојузот на пензионерите не се работи домаќински, односно дека се привилегија за малкумина.

     

    Месец Исплатени средства од солидарен фонд (денари) Број на исплатени барања за починати корисници
    Јануари  47.640.000  1.588
    Февруари  47.790.000  1.593
    Март  47.640.000  1.588
    Април  47.070.000  1.569
    Мај  48.450.000  1.615
    Јуни  43.050.000  1.435
    Јули  34.500.000  1.150
    Август  25.050.000     835
    Септември  32.700000  1.090
    Вкупно 373.890.000 12.463

     

     

    И бројките низ кои се изразува пензионерскиот стандард се поразителни, но не се ништо во однос на реалноста. Пензионерите, сите луѓе во години, не се без причина по улиците и патиштата низ државата, ниту, пак, на протестите може да им се припише каква било политичка заднина. Тоа што го кажуваат, не се празни зборови – цените и давачките постојано се зголемуваат; нашите пензии се топат од ценовните шокови и инфлацијата; немаме пари ниту за нормална исхрана, ниту за сите лекарства… Само што до ситите тоа не допира.

    Вербално, властите се со широки сфаќања за туѓата мака. Пред десеттина дена, премиерот на средбата со пензионерите од скопски Карпош порача: „Ја имате целата наша почит и поддршка… Никој не треба и не смее да манипулира со пензионерите. Нашите највозрасни сограѓани кои ја граделе оваа држава треба да имаат услови за достоинствен живот, а ние како Влада и парламентарно мнозинство тоа им го овозможуваме“.

    И пензионерите велат – треба. Ќе го повторат тоа и на седми ноември.

    новинар

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично