ПОВЕЌЕ

    ОКТА со нето-добивка од 213 милиони денари во вториот квартал, приходите зголемени за 121 отсто

    Време зa читање: 4 минути

    ОКТА во вториот квартал од 2026 година остварила нето-добивка од 213 милиони денари, што претставува раст од 78 отсто во споредба со истиот период минатата година, кога добивката изнесувала 120 милиони денари.

    Приходите од продажба достигнале 19,894 милијарди денари и се зголемиле за 121 отсто на годишно ниво. Растот, според компанијата, главно е резултат на повисоките цени на горивата и зголемениот обем на продажба на домашниот и на извозните пазари.

    Бруто-добивката во кварталот изнесувала 472 милиони денари, што е за 66 отсто повеќе во однос на вториот квартал од 2025 година.

    Оперативните трошоци се зголемиле за 47 отсто, од 152 на 223 милиони денари. Зголемувањето се должи на повисоките регулаторни такси, трошоците за вработените и инвестициите поврзани со стратешките иницијативи за раст на компанијата.

    ЕБИТДА достигнала 249 милиони денари, што е раст од 88 отсто на годишно ниво, поддржан од подобрените комерцијални резултати и позитивните ефекти од вреднувањето на залихите.

    Прилагодената ЕБИТДА, од која е исклучен ефектот од вреднувањето на залихите, изнесувала 702 милиони денари и е зголемена за 319 отсто во споредба со вториот квартал од 2025 година.

    Добивката пред оданочување достигнала 239 милиони денари, наспроти 129 милиони денари во истиот период минатата година, што претставува зголемување од 85 отсто.

    За шест месеци добивка од 1,18 милијарди денари

    Во првата половина од 2026 година, ОКТА остварила приходи од продажба од 32,485 милијарди денари, што е раст од 83 отсто во споредба со 17,779 милијарди денари во истиот период од 2025 година.

    Нето-добивката за шесте месеци изнесувала 1,181 милијарда денари и е зголемена за 448 отсто во однос на минатогодишните 216 милиони денари.

    ЕБИТДА достигнала 1,344 милијарди денари, што претставува раст од 440 отсто, додека добивката пред оданочување изнесувала 1,325 милијарди денари и е повисока за 461 отсто.

    Прилагодената ЕБИТДА за првата половина од годината изнесувала 830 милиони денари, што е за 172 отсто повеќе во однос на истиот период од 2025 година.

    Цените на нафтата останале високи, но со надолен тренд

    Во вториот квартал меѓународните цени на суровата нафта и рафинираните производи останале на релативно високо ниво, но се движеле надолу во однос на рекордните вредности забележани на крајот од првиот квартал.

    Според ОКТА, трендот бил поттикнат од постепеното ублажување на геополитичките тензии на Блискиот Исток и намалувањето на загриженоста за можни прекини во снабдувањето.

    Цената на суровата нафта во јуни во просек изнесувала околу 85 долари за барел и останала значително повисока во однос на истиот период од 2025 година. Нормализирањето на пазарните услови, сепак, придонело за намалување на придобивките од вреднувањето на залихите во споредба со резултатите од првиот квартал.

    Во текот на кварталот компанијата продолжила да се фокусира на стабилно снабдување со нафтени деривати на домашниот и на соседните пазари. Користењето на продуктоводот Солун – Скопје за транспорт на дизел-гориво, според ОКТА, ја подобрило логистичката ефикасност, оперативната флексибилност и сигурноста во снабдувањето.

    ОКТА влезе и на интрадневниот пазар на електрична енергија

    Во извештајниот период ОКТА ја реализирала својата прва трансакција на интрадневниот пазар на електрична енергија на МЕМО, како дел од диверзификацијата на компанијата во поширокиот енергетски сектор.

    Компанијата учествувала и во организацијата на десеттиот Симпозиум на лаборатории за нафта и нафтени деривати, како и во регионални иницијативи и настани, меѓу кои и ЕКО Акрополис Рели.

    Генералното собрание на ОКТА на 28 мај одобрило распределба на дивиденда во вкупен износ од 182,8 милиони денари, односно по 240 денари за акција. Дивидендата треба да биде исплатена во текот на третиот квартал од 2026 година.

    Компанијата соопшти дека во првата половина од годината одржувала биланс на состојба без долгови и силна готовинска позиција.

    Во текот на извештајниот период не биле реализирани инвестиции во материјални средства што го надминуваат прагот од 30 отсто од вкупните средства на друштвото, според последните ревидирани годишни финансиски извештаи.

    Попустите на горивата донеле заштеди од околу седум милиони евра

    Преку програмите за попуст на дизел-гориво и бензин, ОКТА проценува дека во првата половина од 2026 година крајните потрошувачи оствариле заштеди од околу седум милиони евра.

    Компанијата продолжила и со спроведување општествени, образовни и еколошки иницијативи.

    Од ОКТА посочуваат дека, и покрај стабилизацијата на меѓународните нафтени пазари, геополитичките случувања, глобалните економски услови и односот меѓу понудата и побарувачката и понатаму влијаат врз цените на горивата.

    Пазарната нестабилност останува фактор што може да влијае врз резултатите поврзани со залихите и врз профитабилноста на компанијата во наредните периоди.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично