ПОВЕЌЕ

    Комерцијална банка со профит над 13,4 милиони евра

    Време зa читање: 5 минути

    Во периодот од 01.01-30.06.2021 година Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 828,3 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 743,3 милиони денари што претставува зголемување за 11,4%.

    Планираната бруто-добивка за првото полугодие од годинава е остварена со 84,1%. Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 18,6% помала во однос на минатата година што главно се должи на помал износ на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот. Покрај тоа, во извештајниот период Банката забележа намалување на нето-исправката на вредност на финансиските средства, со оглед дека Банката во истиот период од минатата година изврши антиципација на влошувањето на дел од корпоративното портфолио поради состојбата со ковид-кризата. Во текот на првото полугодие од 2021 година се забележуваат позитивни придвижувања во економијата и во портфолиото на Банката, во услови на сеуште присутни ризици поврзани со здравствената и економската криза предизвикана од вирусот Kовид-19. Во вакви услови, во извештајниот период Банката оствари исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 700,5 милиони денари, наспроти 1.136,5 милиони денари во истиот период минатата година.

    Вкупните приходи од работењето изнесуваат 2.418,0 милиони денари и бележат намалување од 12% во однос на истиот период од минатата година.

    Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.06.2021 година изнесуваат 1.179,7 милиони денари, при што бележат намалување од 2,2% во однос на истиот период од минатата година главно како резултат на намалувањето на приходите од камата од кредити дадени на домаќинства и нефинансиски друштва поради намалени каматни стапки, како и од секторот финансиски друштва по основ на намалени каматни стапки и намалени пласмани во благајнички записи. Планот за анализираниот период е остварен со 93,1%.

    Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.06.2021 година изнесуваат 490,1 милион денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 18,3% како резултат на пониска споредбена основа во истиот период минатата година, кога заради прогласувањето на пандемијата и затворањето на земјата значително намалување забележаа активностите на Банката. Планот за анализираниот период е остварен со 116%.

    Нето приходите од курсни разлики на 30.06.2021 година изнесуваат 82 милиони денари и бележат зголемување од 1,6%. Планот за анализираниот период е остварен со 99,4%.

    Останатите приходи од работењето на Банката на 30.06.2021 година изнесуваат 655,6 милиони денари и бележат намалување во најголем дел како резултат на помал износ на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот. Планот е остварен со 101%.

    Оперативните расходи за периодот 01.01-30.06.2021 година изнесуваат 887,2 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 2,4%. Планот е остварен со 105,2%.

    Во периодот од 01.01-30.06.2021 година Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 2,1 милиони денари .

    Биланс на состојба

    Вкупната актива на Банката на 30.06.2021 година достигна износ од 140.154,4 милиони денари и во однос на декември 2020 година бележи зголемување од 5,7%. Зголемувањето на вкупната актива во најголем дел се должи на зголемувањето на паричните средства и депозити во НБРСМ и вложувањата во хартии од вредност,. Планот е остварен со 103,2%.

    Паричните средства и паричните еквиваленти бележат зголемување од 8,4%. Планот е остварен со 107,0%.

    Средствата за тргување бележат пораст по основ на купени акции и усогласување на пазарната вредност на акциите.

    Финансиски средства по објективна вредност преку билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 347,8 милиони денари се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови.

    Кредитите на и побарувањата од банки бележат зголемување од 1,9%, кое се должи на одобрени кредити за ликвидност од домашни банки. Планот е исполнет со 101,9%.

    Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 0,7% како резултат на зголемено кредитирање на физички лица и сектор држава. Планот е остварен со 99,4%. Почнувајќи од 01.04.2021 година ставени се во редовна отплата изложеностите кон физички лица кои беа опфатени со вториот сет мерки заради ублажување на потешкотиите од ковид-кризата од минатата година, додека најголем дел од изложеностите кон правни лица кои беа опфатени со мерките, се во редовна отплата од почетокот на годината. Учеството на изложеностите на правни лица кои и понатаму се под ковид-мерки изнесува 2,04% во вкупната кредитна изложеност на Банката со состојба на 30.06.2021 година.

    Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 11,1% како резултат на купени Македонски Еврообврзници, како и купени структурни и континуирани државни обврзници. Планот е остварен со 103,1%.

    Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се намалени за 12,2% и имаат минимално учество во вкупната актива.

    Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа износ од 123.321,6 милиони денари и бележат зголемување од 5,6%. Планот е остварен со 103,1%.

    Обврските по кредити изнесуваат 569,5 милиони денари и се намалени во однос на декември 2020 година како резултат на отплатени доспеани рати од кредитните линии. Планот е остварен со 109,7%.

    Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.06.2021 година достигнаа износ од 14.725,2 милиони денари и бележат зголемување од 5,9% како резултат на остварената тековна добивка, зголемени резерви и евидентирана задржана добивка за 2020 година, согласно одлука на Собранието на акционери и Одлуката за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките од НБРСМ од 26.02.2021 година. Планот е реализиран со 105,2%.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично