ПОВЕЌЕ

    Каматите тргнаа нагоре: Во август поскапи новоодобрените кредити

    Време зa читање: 3 минути

    Додека просечната камата на веќе одобрените кредити продолжува благо да се намалува, за оние што сега бараат нов заем сликата е поинаква. Во август банките ги зголемиле каматите на новоодобрените кредити, а најизразен раст има кај компаниите.

    Според најновите податоци на Народната банка, просечната каматна стапка на вкупните кредити во август изнесувала 4,67 проценти, што е минимално намалување од 0,01 процентен поен во однос на јули и пад од 0,23 процентни поени во споредба со истиот месец лани. Истовремено, просечната камата на вкупните депозити останала на 2,18 проценти.

    Но, кај новите задолжувања трендот оди во спротивна насока. Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во август се искачила на 4,70 проценти, што е месечен раст од 0,26 процентни поени и годишен раст од 0,22 процентни поени. Паралелно, поатрактивни станале и новите депозити – нивната просечна камата пораснала на 2,72 проценти, или за 0,30 процентни поени за еден месец и за 0,66 процентни поени на годишна основа.

    Највидлива промена има кај корпоративниот сектор. Компаниите за вкупните кредити во просек плаќале камата од 4,33 проценти, но кај новоодобрените кредити стапката се искачила на 4,68 проценти. Само за еден месец растот изнесува 0,47 процентни поени, а на годишно ниво 0,35 процентни поени, по период во кој оваа камата неколку месеци се намалувала.

    Од друга страна, компаниите добиваат и повисок принос на свежо орочените средства. Каматата на новопримените корпоративни депозити достигнала 2,75 проценти, со значителен месечен раст од 0,77 процентни поени и годишен раст од 0,89 процентни поени.

    Кај населението движењата се помирни. Просечната камата на вкупните кредити на домаќинствата се намалила на 5 проценти, што е 0,02 процентни поени помалку од претходниот месец и 0,27 процентни поени помалку од пред една година. Каматата на вкупните депозити на граѓаните останала непроменета на 2,11 проценти.

    За новите кредити на домаќинствата, пак, просечната камата останала на 4,73 проценти, без промена во однос на јули, но е нешто повисока од лани. Новопримените депозити на граѓаните носеле просечна камата од 2,72 проценти, што е раст и на месечна и на годишна основа.

    Податоците за август така покажуваат две паралелни движења на банкарскиот пазар: старото кредитно портфолио постепено поевтинува, но цената на новото задолжување повторно се движи нагоре. Истовремено, банките нудат повисоки камати за новите депозити, што ја засилува конкуренцијата и на страната на штедењето.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично