ПОВЕЌЕ

    Градските власти на Лос Анџелес забранија да се вади нафта и гас во историското јадро на градот

    Време зa читање: 4 минути

    Иако попознат како татковина на Холивуд, Лос Анџелес е изграден на нафта. Постојат повеќе од 5.200 нафтени и гасни бунари низ градот, што го прави едно од најголемите урбани нафтени полиња во Соединетите Американски држави. Проширувањето на гасната постројка во Калифорнија од која истече метан во 2015 година предизвика бројни критики.

    Но, во средата, градскиот совет на Лос Анџелес едногласно гласаше за постепено укинување на дупчењата во градот, потег на кој поборниците за еколошка правда работат со години. Градот сега ќе продолжи со изготвување уредба за забрана на ново дупчење и оценување како да се затворат работните бунари низ градот. Официјалните лица, исто така, ќе иницираат анализа на економските влијанија и влијанијата врз работните места и како да се префрлат работниците во нафтената индустрија на работни места за чиста енергија.

    За да се деактивираат постоечките нафтени операции, мора да се направи и студија за амортизација за тоа како нафтените компании можат да ги вратат своите инвестиции ако тоа веќе не го направиле. „Од Вилмингтон до долината Сан Фернандо, гасот, дупчењата и нафтените извори силно влијаеја на здравјето на жителите на нашите работнички населби“, изјави за Гардијан претседателката на советот на градот, Нури Мартинез. „Ова е уште еден пример за тоа како некои заедници непропорционално ги поднесуваат влијанијата на загадувањето и климатските промени“.

    Овој потег доцни повеќе од 100 години – и време беше“, вели членот на советот Пол Корец за време на состанокот, истакнувајќи ги начините на кои дупчењето во неговата област им наштети на жителите. Речиси една третина од нафтените и гасните бунари во Лос Анџелес лежат надвор од линијата на нафтените полиња, раштркани помеѓу куќи, училишта и паркови, вели Винс Бертони, директор за планирање на градот, цитирајќи податоци од одделот за управување со геолошка енергија во Калифорнија.

    Илјадници жители живеат во непосредна близина на бунари, но токсичните ефекти на експлоатацијата на нафтата и гасот во Лос Анџелес најмногу ги погодуваат посиромашните жители и латино-заедницата, кои го трпат најголемиот дел од нивното влијание врз животната средина. Голем број на студии покажаа дека дупчотините негативно влијаат врз јавното здравје, при што се забележани повисоки стапки на астма и кардиоваскуларни болести и зголемен ризик од бебиња со мала тежина при раѓање и други проблеми со репродуктивното здравје.

    Во трудот објавен минатата година, истражувачите од Универзитетот во Јужна Калифорнија (USC) забележаа дека жителите на јужниот дел на Лос Анџелес – претежно црни и латино семејства – кои живеат во близина на активни извори на нафта и гас имаат пониска функција на белите дробови. Дури и кои повеќе не се користат, нафтените дупчотини претставуваат закана за здравјето и животната средина. Според истрагата на LA Times објавена во 2020 година, напуштените нафтени бунари во градот сè уште испуштаат токсични гасови.

    Претставниците на нафтената индустрија оценуваат дека забраната негативно ќе влијае врз градот, критикувајќи го потегот и потсетија дека сега во Лос Анџелес има 8.300 работни места поврзани со екстракција на фосилни горива и развој на нафтената индустрија. „Затворањето на домашното производство на енергија не само што ги става жителите на Калифорнија без работа и ги намалува даноците што се плаќаат за виталните услуги, туку нè прави повеќе зависни од увезената странска нафта од Саудиска Арабија и Ирак што се транспортира во преполното пристаниште во Лос Анџелес“, Рок Зирман, извршен директор на Калифорниската независна нафтена асоцијација, истакнувајќи дека суровата нафта во Калифорнија е повеќе регулирана од увозот.

    Тој, исто така, смета дека градот нема законски овластувања за овој потег. „Одземањето нечиј имот без надомест, особено оној кој е уредно дозволен и високо регулиран, е незаконски и го прекршува петтиот амандман на американскиот Устав против незаконското претресување и заплена“, рече тој.

    И сојузната држава Калифорнија планира воведување на нови правила кои бараат дупчењето да биде поставено на најмалку 3.200 фити (околу 970 метри) од „чувствителни локации“, кои вклучуваат домови, училишта и болници. Властите на оваа држава преземаат сеопфатна економска анализа на предлогот. Планот беше критикуван бидејќи им овозможува на постоечките бунари да продолжат да работат и се однесува само на нови нафтени извори. Според Одделот за управување со геолошка енергија во Калифорнија, околу 30% од нафтените извори во државата се наоѓаат во периметарот од 3.200 фити.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично