ПОВЕЌЕ

    Божиновска: Гасно се поврзуваме со регионот и со светот

    Време зa читање: 2 минути

    Градежните работи за изградба на гасниот интерконектор со Грција се во тек, а завршувањето на проектот се очекува во текот на 2027 година, информирала министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

    За динамиката на проектот, како и за останатите планови во енергетскиот сектор, Божиновска разговарала со вршителката на должност амбасадор на Соединетите Американски Држави во земјава, Никол Варнс.

    На средбата било разговарано и за гасното поврзување со Србија, чија реализација, според информациите од Министерството, се одвива со забрзана динамика.

    Божиновска ги оценила двата проекти како стратешки, посочувајќи дека нивната реализација ќе влијае врз енергетската слика во регионот и ќе придонесе за поголема поврзаност и диверзификација на снабдувањето.

    Тема на разговор било и официјалното приклучување на Македонија кон Вертикалниот гасен коридор, планирано за септември. Станува збор за европска иницијатива чија цел е диверзификација на снабдувањето со природен гас и зајакнување на енергетската стабилност во Југоисточна, Централна и Источна Европа.

    „Инвестицијата во енергетиката е инвестиција во иднината. Работиме забрзано на реализација на енергетските проекти, но и на обврските согласно Реформската агенда. Се поврзуваме енергетски со регионот, а со тоа и со светот. Придобивките од проектите на коишто работиме ќе бидат видливи и опипливи, во корист на граѓаните и државата“, изјавила Божиновска.

    Во фокусот на средбата биле и реализацијата на актуелните проекти на Министерството, усогласувањето на домашната правна регулатива со европските стандарди и идните планови во енергетскиот сектор.

    Варнс ги истакнала активностите на Министерството насочени кон зајакнување на енергетската независност на земјата, која била оценета како значајна за создавање услови за стабилна и просперитетна држава.

    На средбата било потенцирано и значењето на Стратешкото партнерство меѓу двете земји, како и заложбите за продлабочување на меѓусебната соработка.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично