ПОВЕЌЕ

    Ѓорѓиева: Капиталните расходи пораснаа за 53,5%, а странските инвестиции за речиси 47%

    Време зa читање: 2 минути

    Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Ѓорѓиева, на вчерашната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет изјави дека со предложениот ребаланс на Буџетот за 2026 година се зголемуваат вкупните приходи, а дополнителни средства се предвидени за капитални инвестиции, локална инфраструктура, образование, здравство и земјоделство.

    Според Ѓорѓиева, со ребалансот вкупните приходи се зголемуваат од 374 милијарди денари на 379,5 милијарди денари, што претставува раст од 4 милијарди и 575 милиони денари.

    „Ребалансот не значи откажување од развојната политика. Напротив, вкупните приходи се зголемуваат од 374 милијарди денари на 379,5 милијарди денари. Во првиот квартал од 2026 година, според Државниот завод за статистика, бруто-домашниот производ порасна за 3,1%, а индустриското производство покажува закрепнување“, изјави Ѓорѓиева.

    Таа додаде дека градежништвото бележи раст од 7,25%, додека странските директни инвестиции се повисоки за речиси 47% во споредба со истиот период лани.

    Според Ѓорѓиева, капиталните расходи во првата половина од годината достигнале 19,4 милијарди денари, што е за 53,5% повеќе во однос на истиот период минатата година.

    „Тоа значи повеќе средства за локална инфраструктура, патишта, железници, водоводи, канализација, училишта, градинки, болници и проекти што ќе создаваат економски раст и нови работни места“, рече таа.

    Во однос на локалната самоуправа, Ѓорѓиева истакна дека капиталните дотации се зголемуваат за 66,1% и достигнуваат 4 милијарди и 235 милиони денари.

    Таа посочи дека со предложениот ребаланс за образованието е предвидено зголемување од 3,1%, односно дополнителни 1 милијарда и 404 милиони денари, додека за здравството се планирани 8 милијарди и 140 милиони денари, што, според неа, претставува раст од 7,6% или 573 милиони денари повеќе во однос на иницијално проектираниот буџет за 2026 година.

    Ѓорѓиева додаде дека за земјоделството, шумарството и водостопанството со ребалансот се предвидени 2 милијарди и 167 милиони денари, што е за 299,9 милиони денари или 16,1% повеќе во однос на иницијалниот буџет за 2026 година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично