ПОВЕЌЕ

    Каматите се намалуваат, стануваат ли кредитите поевтини

    Време зa читање: 4 минути

    Месечен пад од 0,06 и годишен од 0,17 процентни поени е регистриран во декември кај просечната каматна стапка на вкупните на кредити. Изнесува 5,30 проценти, додека една година претходно била 5,47 проценти. Што претпоставува дека кредитите што ги користат граѓаните и компаниите, во извена мера стануваат поевтини.

    Намалување, според податоците од Народната банка, има и кај стапката која се пресметува на новоодобрените кредити. Месечниот минус е за 0,40 п.п., а годишниот за 0,79 процентни поени. Каматата е на ниво од 4,42 проценти.

    За разлика од опаѓачкиот тренд кај кредитите, главно се позитивни исчекорите во депозитниот сегмент. Со остварениот годишен раст од 0,38 процентни поени, просечната каматна стапка на вкупните депозити во декември изнесува 2,17 проценти.

    Просечната стапка за новите депозити доверени на банките изнесува 2,78 проценти. На годишно ниво има раст од 0,41 процентен поен. Но, во декември е евидентирано месечно намалување од 0,02 процентни поени.

    ПАЃААТ СТАПКИТЕ НА СКОРО СИТЕ ВИДОВИ КРЕДИТИ

    Во текот на декември стапката на вкупните кредити на домаќинствата е намалена за 0,03 п.п. и изнесува 5,63 проценти. Таквото движење е предизвикано од падот на каматите за денарските кредити без и со валутна клаузула, бидејќи нема промени кај стапките што се применуваат за девизните кредити. Сепак, се посочува во извештајот на централната банка, „каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата, во споредба со истиот месец претходната година, бележи зголемување од 0,04 п.п.“.

    Истиот тој месец, просечната стапка на новоодобрените кредити на населението изнесува 4,47 проценти. На месечно ниво е пониска за 0,56 п.п., затоа што има пад кај каматите на сите видови кредити. Оттаму и промената на годишно ниво има минусен предзнак. Опаднала за 0,55 процентни поени.

    Поместувања по надолна линија има и кај каматите на кредитите одобрени на корпоративниот сектор.

    Просечната стапка на вкупните кредити во декември е пониска за 0,09 п.п. и изнесува 4,96 проценти. Тоа се случило под влијание на намалувањата забележани кај стапките на сите кредити – денарски со и без валутна клаузула, и на девизните. На годишна основа олабавиле за 0,37 процентни поени.

    За 0,29 п.п. во декември опаднала стапката за новите кредити одобрени на компаниите. Изнесува 4,39 проценти. „Надолната промена е резултат на намалувањето на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,42 п.п.), додека каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула и кредитите во странска валута се зголемени (за 0,34 п.п. и 0,23 п.п., соодветно)“, наведено е во извештајот на НБРСМ. На годишно ниво, пак, оваа стапка бележи пад од 0,91 процентен поен.

    ЗА ДЕПОЗИТИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ 2,1%, ЗА ПАРИТЕ НА КОМПАНИИТЕ 2,69%

    Во последниот месец од 2024 година, каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата е во износ од 2,10 проценти. Месечното зголемување е за 0,05 п.п., а се должи на позитивните промени кај стапките за денарските депозити без валутна клаузула, за девизните и за оние со валутна клаузула. Годишното зголемување, пак, е измерено со 0,34 процентни поени.

    Намалување од 0,05 п.п. е регистрирано во декември кај стапката на новопримените депозити на граѓаните, која изнесува 2,83 проценти. „Падот на месечна основа се должи на намалените каматни стапки на депозитите во странска валута (за 0,16 п.п.) и на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,02 п.п.)“, објаснуваат од Народната банка. Годишната стапка е повисока за 0,41 процентен поен.

    За вкупните депозити на компаниите, во декември просечната каматна стапка е 2,69 процени, со месечен раст од 0,01 п.п. и годишен за 0,63 процентни поени. Таквото месечно движење е поттикнато од растот на каматите на денарските депозити без и со валутна клаузула.

    А, за новите депозити на компаниите, во декември стапката е 2,59 проценти. Месечната проомена е за плус 0,16 п.п., што е „резултат на зголемувањето на каматните стапки на депозитите во странска валута и на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула“. Анализирано на годишна основа, каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор е зголемена за 0,40 процентни поени.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично