Деталите како ќе ја спроведат Уредбата за олеснување на договорните кредитни услови банките најавуваат дека ќе ги објават многу скоро. Информациите, како што информираат дел од нив, ќе ги споделат на своите веб-страници.
Велат дека интензивно работат на концептите за репрограмирање на кредитната изложеност на физичките лица и на фирмите кои ги исполнуваат критериумите од Уредбата, која беше донесена од страна на Владата.
„Комерцијална банка интензивно работи на концептите за репрограмирање на кредитната изложеност на физичките лица и на фирмите кои ги исполнуваат критериумите пропишани од страна на НБМ, односно на утврдување на прецизните мерки и начини на комуникација со клиентите со цел да се олесни финансискиот товар со кој се соочуваат или би можеле да се соочат како резултат на корона-кризата“, велат од банката.
Додаваат дека Уредбата на Владата за олеснување на сервисирањето на кредитите и други задолжувања на граѓаните и фирмите кон банките и штедилниците за време на кризата предизвикана од Ковид-19 сè уште не е објавена во Службен весник, односно сè уште не е стапена во сила и очекуваат тоа да се случи наскоро.
Најавуваат дека во најкус можен рок ќе ги објават сите детали за ова прашање на веб-страницата на банката.
Од Охридска банка, исто така, наведуваат дека следејќи ги мерките на Владата и укажувањата на Народната банка, во овој период работат посветено на создавање услови за олеснување на исплатата на кредитните обврски за своите клиенти.
„Врз основа на Одлуката на Народната банка за изменување и дополнување на Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик, како и врз основа на Уредбата со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците, Охридска банка во моментов работи во насока на подготовка на соодветна понуда до сите клиенти, со цел да им овозможи надминување на тешкотиите кои би ги имале со сервисирањето на кредитните обврски во време на корона-кризата. Овие олеснувања ќе важат како за физичките така и за правните лица“, информираат од банката.
Најавуваат дека деталите за олеснувањата и новите договорни услови ќе бидат објавени наскоро, штом завршат интерните приспособувања на системите на банката.
Понудите за физичките и правните лица ќе бидат објавени на веб-страницата на банката, а исто така ќе биде и прецизно објаснет начинот за постапување во однос на понудите.
Додаваат дека како финансиска институција со одговорност кон своите вработени, кон клиeнтите и кон економијата во целина, веќе имаат воведено низа мерки со кои се обидуваат да понудат низа олеснувања за своите клиенти.
Уредбата со која се утврдува како банките и штедилниците можат во текот на вонредната состојба, на граѓаните и фирмите да им понудат одложување на исплатата на ратите и други поволности со кои ќе им го олеснат сервисирањето на кредитите за време на корона-кризата, ја донесе Владата завчера.
Уредбата е подготвена од Народната банка, Министерството за финансии и Македонската банкарска асоцијација, со цел во текот на вонредната состојба, поедноставно и побрзо да се остварат можностите дадени со регулаторните измени донесени од Народната банка, насочени кон олеснување на финансискиот товар на граѓаните и на фирмите кои заради корона-кризата се соочуваат или би можело да се соочат со реални тешкотии во исплатата на кредитите во банките и штедилниците.
Како што наведоа Народна банка и Министерството за финансии, Уредбата овозможува промената на договорните услови за кредитите да се изврши побрзо и поедноставно, без да се загрози јавното здравје – без да се посетуваат експозитурите и филијалите и без да се чека во ред на шалтерите заради потпишување на анексите на договорите.
Според Уредбата, банките и штедилниците можат да понудат поповолни договорни условии без претходно да имаат добиено барање од засегнатите клиенти, и тоа преку објава на своите веб-страници со понуда за промена на условите за плаќање на кредитите и/или одделно известување на клиентите, преку електронска и/или писмена комуникација.
Со Уредбата е утврдено дека ако физичкото лице, во рок од десет дена од објавувањето, односно добивањето на понудата, писмено или електронски не ја извести банката или штедилницата дека го одбива понуденото олеснување на финансискиот товар, ќе се смета дека понудата за промена на договорните услови е прифатена.
За да ги искористат понудените поповолни договорни услови, правните лица, пак, ќе треба писмено или електронски да ја известат банката или штедилницата дека ја прифаќаат понудата. Ако правното лице не го стори тоа во рок од десет дена, во согласност со Уредбата ќе се смета дека понудата не е прифатена.
Останува правото на кредитокорисниците да се обратат до банките и штедилниците, доколку оценат дека има потреба од тоа, при што предвидено е тие да можат се обратат електронски или писмено, а одговорот ќе го добиваат преку електронска комуникација.
Во согласност со донесените регулаторни измени, банките и штедилниците, на засегнатите граѓани и фирми ќе можат да им понудат одложување односно грејс-период за отплата на кредитите, пролонгирање на исплатата на кредитот на подолг период и пониска каматна стапка и сл.
Ова важи за потрошувачки, станбени, хипотекарни, автомобилски кредити итн., кредитни картички, дозволено пречекорување (одобрен минус) и кредити на фирмите.
Покрај олеснување на договорните услови за кредитите во банките и штедилниците, граѓанска иницијатива почна петиција за олеснување на условите и за кредити во нефинансиските друштва.