ПОВЕЌЕ

    АНДОНОВСКА: ОПОЗИЦИЈАТА КРЕИРА ХИСТЕРИЈА, ВЛАДАТА ГИ ПРЕЗЕМА ОБВРСКИТЕ НА ОПШТИНА ГОСТИВАР

    Време зa читање: 2 минути

    Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, ги оцени како неосновани обвинувањата од опозицијата во врска со надлежностите на Институтот и состојбата со водата за пиење во Гостивар.

    Андоновска, која е и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, во гостување во централниот Дневник на телевизија Сител изјави дека нападите доаѓаат од лица кои, според неа, зад себе оставиле нефункционален систем и институции.

    „Во однос на контролата и надлежноста на Институтот, самите обвинувања се неосновани. Мислам дека знам од каде доаѓа мотивот за сето тоа, затоа што оние кои оставија распадната држава, распаднат систем и распаднати институции, нема пора во општеството што ја оставија функционална“, изјави Андоновска.

    Таа се осврна и на состојбата што ја затекнала во Институтот за јавно здравје при преземањето на функцијата, посочувајќи дека во тој период биле прогласени епидемии на пертусис во Скопје и во Куманово, а институцијата немала реагенси за дијагностицирање на болеста.

    „Немаше ниту еден реагенс за да може да се дијагностицира дали некој има пертусис и да му се даде соодветна терапија“, рече Андоновска.

    Според неа, во кругот на Клиничкиот центар биле оставени и десет тони опасен хемиски отпад, кој бил непрописно складиран во објект со оштетен покрив. Таа наведе дека, според стручните лица, отпадот почнал да испарува и можел да предизвика здравствени проблеми, како и хаварија или експлозија.

    Андоновска ги повика претставниците на опозицијата да престанат, како што рече, со создавањето хистерија околу состојбата во Гостивар, оценувајќи дека со тоа не се придонесува кон решавање на проблемот.

    „На никого оваа хистерија не му помага. Не дадоа ниту едно решение и со ништо не придонесуваат, освен што во моментот создаваат хистерија“, изјави таа.

    Таа посочи дека Владата и повеќе надлежни институции се вклучиле во справувањето со состојбата, со цел да се стабилизира здравствената ситуација и на граѓаните да им се обезбеди вода за пиење.

    „Владата ги презема обврските што треба да ги има општината за формирање кризен штаб, а се вклучуваат и повеќе институции. Најважно е да се стабилизира здравствената состојба и граѓаните да добијат вода за пиење. Верувам дека институциите ќе останат фокусирани и нема да бидат дефокусирани од неаргументираните напади“, рече Андоновска.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично