
Коалицијата Вреди во вториот круг од локалните избори во Брвеница застанала зад кандидатот на НАИ, со што, според пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, пропуштила можност да покаже дека политички се разликува од ДУИ.
Во гостување во централниот дневник на телевизија Сител, во живо од Брвеница, Стојаноска ја обвини Вреди дека одиграла улога на „тројански коњ“, оценувајќи дека со своето постапување придонела за распрснување на гласовите во корист на ДУИ.
Таа потсети дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ во првиот круг го поддржале својот кандидат Стојанчо Радичевски, додека Вреди настапила со сопствен кандидат. Според Стојаноска, во вториот круг Вреди одлучила да го поддржи кандидатот на НАИ.
„Жалиме што Вреди не ја искористи оваа прилика да покаже дека се поразлични од ДУИ, туку, исто како и СДС и Левица, мислам дека ја одиграа улогата на тројански коњ и одиграа за ДУИ, односно ги раштркаа гласовите од гласачкиот базен“, изјави Стојаноска.
Сепак, таа смета дека изборите во Брвеница не треба да се гледаат како тест за стабилноста на владината коалиција.
Според неа, вистинскиот тест за коалициските партнери е спроведувањето на владината програма, за која оцени дека засега се реализира според планираното.
„Што се однесува до тестот на владината коалиција, мислам дека локалните избори во Брвеница нема да бидат тест за оваа владина коалиција. Напротив, тест за коалицијата е реализацијата на владината програма, која засега сметам дека се одвива според планираното“, рече Стојаноска.
Осврнувајќи се на политичката состојба во опозицијата по локалните избори, пратеничката упати критики и кон СДС, оценувајќи дека партијата станала маргинална на политичката сцена. Одговорноста за тоа му ја припиша на раководството предводено од Венко Филипче.
„СДС стана, би рекла, маргинална партија после овие локални избори, особено заради катастрофалното нејзино раководење од страна на Венко Филипче“, изјави Стојаноска.
Таа дополнително оцени дека СДС и ДУИ се политички поврзани, наведувајќи дека станува збор за „две различни страни од една иста паричка“.
Аналитика








