ПОВЕЌЕ

    Каде да паркирате, каде да наполните телефон? „Гугл мапс“ ќе има одговор пред да прашате

    Време зa читање: 3 минути

    Навигацијата каква што ја познаваме полека останува во минатото. Наместо апликација која само покажува каде да свртите лево или десно, „Гугл мапс“ се претвора во интелигентен асистент со кој ќе може да разговарате додека сте на пат. Прашања како „Каде има слободен паркинг?“, „Каде можам да испијам кафе без голема гужва?“ или „Што вреди да се види по оваа рута?“ наскоро ќе добиваат одговор без дополнително пребарување.

    „Гугл“ ја проширува интеграцијата на својот модел за вештачка интелигенција „Џемини“ во „Гугл мапс“ преку функцијата Ask Maps, која постепено добива сè поголема улога во самата навигација. Наместо да биде само алатка за препораки на ресторани, музеи или туристички атракции, таа ќе стане дел од планирањето и следењето на патувањето.

    Според анализата на порталот Android Authority, новите верзии на апликацијата покажуваат дека копчето Ask Maps ќе биде интегрирано директно во прегледот на избраната маршрута. Со едно допирање ќе се отвора разговор со „Џемини“, каде корисникот ќе може со природен јазик да поставува прашања поврзани со патувањето.

    Тоа значи дека повеќе нема да биде потребно рачно пребарување на бензински пумпи, ресторани, полначи за електрични возила или туристички знаменитости. Доволно ќе биде да прашате, на пример, каде има место за паркирање во близина на дестинацијата, каде може да се наполни телефонот или кои интересни локации се наоѓаат покрај рутата. Системот ќе ги анализира барањата, ќе понуди препораки и веднаш ќе ги прикаже на картата.

    „Гугл“ не се задржува само на разговорот со мапата. Компанијата паралелно ја воведува и Immersive Navigation, најголемата промена во навигацијата во последната деценија. Новиот систем нуди тридимензионален приказ на околината, попрецизни информации за сообраќајните ленти, семафорите, пешачките премини и знаците, како и поприродни гласовни инструкции кои треба да го направат возењето поинтуитивно и побезбедно.

    Дополнително, навигацијата ќе може подобро да ги објаснува разликите меѓу понудените рути, наместо само да предлага алтернативи. Корисниците ќе добиваат информации дали одредена маршрута е побрза поради помал сообраќај, избегнување патарини или други фактори, а пред пристигнувањето ќе можат однапред да го видат влезот на објектот, околниот паркинг и точната страна на улицата на која треба да застанат.

    Во првата фаза, новата функционалност ќе биде достапна при патување со автомобил, велосипед или пеш, додека за јавниот превоз засега нема да биде активирана. Причината е што најголемиот дел од прашањата што ги обработува „Џемини“ се поврзани со возење, паркирање и ориентација по должината на рутата.

    „Ask Maps“ веќе започна да се воведува на Android и iOS уредите во САД и Индија, а компанијата најавува постепено проширување и на други пазари. Во наредниот период функциите ќе се појават и на десктоп верзијата, како и во Android Auto, CarPlay и возилата со вграден Google систем.

    Со оваа надградба „Гугл мапс“ прави уште еден чекор кон визијата навигацијата да стане разговор, а не пребарување. Наместо корисникот да бара информации низ различни менија, доволно ќе биде да постави прашање, а вештачката интелигенција ќе ја заврши останатата работа.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично