
Во изминатиот период во јавноста повторно се актуелизираа критики и ставови насочени кон вториот пензиски столб. Како Асоцијација на пензиски друштва, сметаме дека прашањата поврзани со пензискиот систем заслужуваат сериозна, аргументирана и стручна дебата, базирана на факти, податоци и долгорочни анализи, а не на поединечни интерпретации или краткорочни согледувања.
Вториот пензиски столб повеќе од две децении претставува важен дел од пензискиот систем во Република Северна Македонија. Неговата основна цел е да обезбеди дополнителен извор на пензиски приходи преку индивидуално акумулирани средства кои се во сопственост на осигурениците, се водат на нивни лични сметки и се наследни. На овој начин, секој член создава сопствена пензиска заштеда која е директно поврзана со неговите уплати и со остварените инвестициски резултати, а во моментот овие акумулирани заштеди на македонските граѓани изнесуваат над 3,3 милијари ЕУР.
Средствата во задолжителните пензиски фондови се инвестираат согласно строго утврдени законски правила и под континуиран надзор на регулаторните институции. Инвестициските ограничувања, правилата за диверзификација и механизмите за управување со ризици се поставени токму со цел да обезбедат максимална заштита на интересите на членовите и долгорочна стабилност и раст на нивните заштеди.
При оценувањето на резултатите од вториот столб неопходно е да се има предвид дека станува збор за долгорочен систем на штедење. Пензиските фондови не треба да се оценуваат според флуктуациите на пазарите во една година или во еден економски циклус, туку според нивната способност да создаваат вредност за членовите во текот на целиот работен век. Податоците покажуваат дека од почетокот на функционирањето на системот до денес задолжителните пензиски фондови во Северна Македонија оствариле просечен годишен номинален принос од над 5%, при што е остварен и позитивен реален принос над инфлацијата. Ова е постигнато во период кој опфати глобална финансиска криза, должничка криза во Европа, пандемија, енергетска криза и инфлаторни шокови.
Особено е важно да се истакне дека меѓународната практика недвосмислено покажува дека најуспешните пензиски системи во светот се засноваат на повеќестолбен модел. Според глобалните рангирања за квалитет, одржливост и доверба во пензиските системи, држави како Холандија, Исланд, Данска и Сингапур се меѓу најуспешните во светот, а сите тие имаат развиени капитално финансирани пензиски столбови како составен дел од своите системи.
Овие искуства потврдуваат дека вториот столб не е конкуренција на првиот столб, туку негово дополнување. Најдобрите пензиски системи не се потпираат на еден извор на финансирање, туку комбинираат меѓугенерациска солидарност, индивидуално капитално штедење и доброволна пензиска заштеда. Токму ваквиот пристап овозможува подобра распределба на ризиците и поголема отпорност на економските, финансиските и демографските предизвици.
Во услови кога цела Европа, вклучително и нашата земја, се соочува со стареење на населението, продолжување на животниот век и намалување на односот помеѓу бројот на вработени и бројот на пензионери, потпирањето исклучиво на еден пензиски столб претставува сѐ поголем ризик за долгорочната одржливост на пензискиот систем. Затоа, повеќестолбниот пристап денес не претставува луксуз, туку неопходност за обезбедување сигурни и одржливи пензии за идните генерации. Загрижува фактот што во јавната дебата често се занемаруваат овие реалности и се пласираат поедноставени оценки кои можат да ја нарушат довербата на граѓаните во системот. Веруваме дека довербата се гради преку транспарентност, факти и континуирано информирање на јавноста.
Асоцијацијата на пензиски друштва останува отворена за секоја конструктивна дискусија за унапредување на пензискиот систем, но истовремено ќе продолжи да ги брани принципите на повеќестолбниот модел кој е меѓународно прифатен, докажан во пракса и насочен кон заштита на долгорочните интереси на сегашните и идните пензионери.
АСОЦИЈАЦИЈА НА ДРУШТВА ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ПЕНЗИСКИ ФОНДОВИ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Аналитика








