ПОВЕЌЕ

    „Засади желба“ кампања на пензиските друштва: Младите да дочекаат пензија што самите ќе ја контролираат

    Време зa читање: 5 минути

    „Засади желба“ е заедничката кампања на Сава пензиско друштво, КБ Прво пензиско друштво и Триглав пензиско друштво, во чиј фокус е одржливата иднина. Се организира по трет пат и има едукативен и општествено одговорен карактер. Овој пат опфатени се младите, а целта е кај нив да се развие свест и да изградат навики за учество во двата приватни пензиски столбови – во вториот како задолжителен и во третиот кој е доброволен. Сето тоа преку симболиката на дрвото, од засадувањето па се до уживањето во резултатите, за што е потребно време.

    Едукацијата во раните години е најважниот аспект од инвестицијата во процесот на градење поубава иднина на долг рок, но и мотивација за активна грижа за животната средина, сметаат од пензиските друштва. Притоа, појаснуваат, освен младата популација, целта на оваа кампања е да го вклучи членството во сите проекти, како начин да се создаде едуцирана заедница која свесно постапува и активно придонесува за подобро утре, за себе и за се што не опкружува.

    Трите пензиски друштва веќе осум години реализираат кампањи за едукација и информирање на населението за можностите што ги обезбедува членувањето во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд. Сепак, „Засади желба“ е со поинаков пристап кон грижата за сопствената иднина и од финансиски и од еколошки аспект. Во текот на последните две години младите учествувале во создавањето пензионерски паркови во дворот на еден факултет и осум средни училишта. Исто така, добиле можност да дадат и свое дизајнерско решение на пензионерски парк со површина од 5.000 квадратни метри. За годинава, пак, пензиските друштва најавуваат нови паркови, активности поврзани со рециклирањето, но и организација на првиот „Еко-тон“, односно екохакатон на кој ќе се пријавуваат млади претприемачи со свои идеи за проекти за одржлив развој.

    „Сакаме да поттикнеме интерес кај идните пензионери да дознаат што е можно повеќе за тоа како изгледа реформиран пензиски систем и како пензиските друштва може да помогнат во создавањето на одржлива финансиска иднина. Сметаме дека вака реформираниот пензиски систем и ефектите од него, како и преку исплата на пензии од вториот столб и пензиски надоместоци од третиот столб ќе создаваме идни пензионери кои ќе го одржуваат животниот стандард“, посочи Весна Стојановска, генерален директор на КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје.

    Говорејќи за првото вработување и првата заработка, Петар Талески, претседател на УО во Сава пензиско друштво а.д. Скопје, нагласи дека е тоа животна пресвртница, кога се отвораат нови перспективи со влезот во деловниот свет и кога почнува остварувањето на приходи. „Со првата заработка ќе почнат и првите плаќања на задолжителни социјални придонеси, а со тоа и некои од првите наши обврски и одлуки што треба да ги донесеме. Овој избор во тие први денови од вработувањето значајно ќе влијае на идната пензија и затоа треба внимателно да се проверат резултатите, карактеристиките, услугите кои ги нудат сите постоечки пензиски друштва на пазарот“.

    Свеста на младите може да се подигне единствено преку нивната суштинска поврзаност и идентификација со наративот и со клучните пораки на оваа кампања, кои се директно испреплетени со актуелни теми и приоритети на глобалните светски трендови насочени кон долгорочен и подобрен квалитет на животот, смета Тихомир Петрески, претседател на УО во Триглав пензиско друштво а.д. Скопје.

    Информациите и активности од кампањата ќе бидат достапни на веб страницата www.penzija.mk. Супервизор на капиталното финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), www.mapas.mk.

    Вториот столб е задолжителен за сите нововработени. МАПАС ги распоредува по случаен избор, но тие имаат рок од три месеци да изберат во кое пензиско друштво ќе останат. Од пензиските друштва апелираат младите добро да се информираат за условте во кои работат друштвата и да донесат одлука за тоа кое че биде нивниот избор. Од придонесот за пензија во вториот пензиски столб се одлеваат по седум отсто месечно. Учеството во третиот столб е доброволно. Од овој столб корисникот може да ги подигне своите пари најрано на 52-годишна возраст за жени или 54 години за мажи.

    „Пазарот на трудот е глобален, го опфаќа целиот свет. Затоа, на младите им се обраќаме со зборовите да си дочекаат пензија која тие ја контролираат. Тоа е поенатат на третиот доброволен фонд, кој е стабилна рамка за штедење“, порача рече Петревски.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично