Мажите имаат поголем ризик да развијат тешка невроинвазивна форма, но возраста и придружните заболувања се клучни за смртниот исход
Седум лица досега починаа од западнонилска треска во Македонија, а сите се мажи постари од 60 години. Последната жртва е 69-годишен маж од Општина Гази Баба, кој повеќе од 38 дена бил хоспитализиран. Во исто време е регистриран и нов сомнителен случај, а во болниците и натаму се лекуваат 19 пациенти.
Новиот смртен случај го потврди министерот за здравство Сашо Клековски, кој информираше дека починал пациентот кој најдолго бил хоспитализиран меѓу досегашните заболени. Тој имал и други здравствени проблеми. Со неговата смрт бројот на починати од западнонилска треска во земјава се искачи на седум.
Случајот е особено значаен ако се спореди со историјата на заболувањето во земјава. Според Институтот за јавно здравје, вирусот на западнонилска треска првпат е регистриран во Македонија во 2011 година, а во периодот од 2011 до крајот на 2025 година биле потврдени вкупно 54 случаи, со пет смртни исходи. Само во 2026 година бројот на починати веќе достигна седум.
Според досегашните податоци што ги соопштија здравствените власти, морбидитетот во Македонија е околу 3,7 спрема 1 во корист на мажите.
Министерот Клековски вчера објасни дека ваквата разлика не е специфична само за Македонија. Според него, поголемата застапеност на мажите кај тешките форми на западнонилска инфекција е забележана и во големи меѓународни истражувања.
„Најголемата студија е во Америка на над 3.000 случаи. Во таа студија е јасно дека и морбидитетот, односно стапката на заболување со невроинвазивната форма, и смртноста е поголема кај мажите“, рече Клековски.
Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC) во голема анализа на случаите во САД од 2009 до 2018 година утврдил значајна разлика. Од 12.835 случаи на невроинвазивна западнонилска болест, 62 отсто биле мажи, односно 7.947 случаи. Просечната возраст на пациентите била 60 години.
Податоците на CDC покажуваат и дека ризикот од најтешки последици нагло расте со возраста. Од невроинвазивните случаи во оваа десетгодишна анализа, 9 отсто биле со смртен исход, но смртноста била само 2 отсто кај пациентите помлади од 50 години, 6 отсто кај оние на возраст од 50 до 69 години и дури 21 отсто кај лицата на 70 и повеќе години.
Научните податоци не значат нужно дека мажите почесто го добиваат вирусот. Дел од разликата може да се должи на тоа што кај мажите почесто се развива невроинвазивна форма, односно инфекцијата го зафаќа централниот нервен систем и може да предизвика енцефалитис, менингитис или други сериозни невролошки нарушувања.
И анализата на CDC покажува дека меѓу 12.835 пациенти со невроинвазивна болест, мажите биле 62 отсто, додека жените 38 отсто. Во истата анализа, 94 отсто од пациентите со оваа форма биле хоспитализирани.
Аналитика








