Од бројните спроведени контроли во кабареата, дискотеките, ноќните клубови од страна на Државниот пазарен инспекторат, 82 се со записник. За другите сѐ уште трае анализата и проверката, соопшти владината портпаролка, Марија Митева, на денешната заедничка прес-конференција со доктор Игор Мерџановски и со министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
„Од 23 со лиценца, констатирано е досега 13 не исполнуваат минимум технички услови, при што се изготвуваат решенија до Министерството за економија за одземање на лиценцата и ќе бидат издадени решенија за забрана на вршење на дејност“, информираше Митева.
Како што наведе, кај пет правни субјекти регистрирани како кабаре/дискотека и кои се со истечена лиценца, издадена е забрана за дејност, бидејќи е утврдено дека и покрај тоа – работеле.
„Кај останатите 41 кафич-клуб, кај 30 од нив се констатирани неправилности по Законот за угостителска дејност и изречени се 28 прекршочни налози и две затворања за пречекорување на работно време, што подразбира и платен налог“, истакна Митева.