ПОВЕЌЕ

    Во општина Бутел продолжуваат работилниците против врсничко насилство на „Макпетрол“

    Време зa читање: 3 минути

    Родителите од општина Бутел, како и од Чучер-Сандево, утре ќе имаат можност да разговараат за проблемот со врсничкото насилство во рамки на општествено одговорната кампања на „Макпетрол“. Како и претходните, оваа едукативна средба е од отворен тип, односно на неа можат да учествуваат заинтересираните родители од двете опшини. Таа ќе се одржи утре (2 април) со почеток од 18 часот во основното училиште „Св. Климент Охридски“ во Бутел.

    Досега вакви работилници се одржаа во 11 општини кои што ја поддржаа кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ на „Макпетрол“. За булингот разговараа родителите од Битола, Ѓорче Петров, Кавадарци (со Демир Капија), Крива Паланка. Потоа во Штип, каде што учествуваа граѓани и од Свети Николе, во Кисела Вода, Карпош, Аеродром, Центар, Куманово, како и во Кочани, која беше наменета и за граѓаните од Виница и од Берово. На 12 средба во Бутел, како и на досегашните, од стручна перспектива ќе зборува психологот Деспина Стојановска. Водител на работилницата, пак, ќе биде актерот Сашко Коцев.

    Едукативните средби организирани од „Макпетрол“ на родителите им обезбедуваат можност да се стекнат со знаења за врсничкото насилство. Психологот на овие настани споделувани подетални информации како овој проблем да се препознае и како тој влијае врз секојдневието и врз развојот на учениците. Имајќи предвид дека токму кај родителите е најголемата одговорност за грижата и за воспитувањето на децата, овие средби помагаат поотворено да се зборува за проблемот и даваат придонес во неговото решавање. Учесници на работилниците се и членови на стручните служби на општинските училишта. Тие разговараат и работат со учениците кога ќе се појават случаи на врничко насилство.

    Општествено одговорната кампања на „Макпетрол“, „Крени глас против врсничко насилство“, директно ја поддржаа 26 општини со кои што компанијата потпиша меморандуми за соработка. Како и сега за родителите, во претходната фаза од активностите беа организирани и работилници за ученици, при што беа опфатени над 150 основни училишта. Носечка платформа на кампањата е вебсајтот kreniglas.mk којшто содржи голем број информации за врсничкото насилство. На оваа интернет-страница постои можност и за анонимно споделување на личните искуства со булингот, а достапни се и неколку едукативни прирачници.

    „Макпетрол“ отсекогаш ја вбројувал општествената одговорност меѓу своите врвни приоритети. Компанијата ја реализира кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ со цел да се крене јавниот интерес за проблемот со булингот. „Макпетрол“ и во идните свои општествено одговорни активности значаен простор ќе отстапи на младите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично