ПОВЕЌЕ

    Виктор Мизо нов претседател на Советот на странски инвеститори

    Време зa читање: 3 минути

    Советот на странски инвеститори во рамки на Стопанската комора, доби ново раководство со мандат од две години, кое ќе делува во правец на зајакнување на кадровските капацитети и унапредување на активностите за поддршка на странските инвеститори во земјава. Тоа е одлучено на денешната пленарна седница на Собранието на Советот.

    На седницата присуствувале претставници на повеќе од 40 компании – членки, при што за претседател на Советот е избран Виктор Мизо од „Костал Македонија“. Негови заменици, односно потпретседатели се Никола Љушев од „Македонски телеком“ и Волфганг Мајер од ЕВН Македонија.

    Како што соопштуваат од СКСМ, во насока на поефикасно претставување и застапување на странските инвеститори во земјава, организирани во Советот на странски инвеститори, избран е и нов состав на Управниот одбор, кој брои 12 члена. Со тоа, велат, се обезбедува покриеност на компаниите со странски капитал од повеќе различни сектори.

    И во наредниот период приоритет на новото раководство ќе биде Советот да има активно учество во процесите за создавање подобро деловно опкружување и подобрување на условите за водење бизнис во земјата. Сето тоа преку предлагање мерки и препораки за креирање најдобри решенија кои ќе донесат одржлив и побрз економски развој, но и за поголема атрактивност на државата за задржување на постојните и привлекување нови инвеститори.

    Во таа насока, перманентно и континуирано се следат и анализираат економските состојби во земјата, а врз таа основа ќе се преземаат и предлагаат мерки за подобрување на инвестициската и деловната клима. Всушност, тоа и натаму е една од приоритетните активности на Советот, како дел од неговите стратешки определби за функционално делување.

    Во рамки на седницата, извршниот директор на Советот на странски инвеститори на Србија, Александар Љубиќ, одржа презентација со која ги запозна присутните со различниот опсег на услуги што ги нудат на своите членови, при што го елаборираше нивното искуство како овие услуги ја олеснуваат соработката со државните институции, воспоставениот метод на комуникација со Владата, ефективноста на усвојувањето на препораките од Белата книга, нивниот пристап за создавање позитивно влијание во општеството и препознатливост како релевантен партнер во подобрувањето на деловната клима во земјата.

    Комората и Советот изразиле благодарност и признание за големиот придонес и остварените резултати во работењето на досегашниот претседател на Советот, Штефан Петер.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично