ПОВЕЌЕ

    Нови е-налепници за возилата, казни од 100 до 10.000 евра – законските измени пред пратениците  

    Време зa читање: 4 минути

    Нови електронски налепници преку кои ќе се проверуваат регистрацијата, техничката исправност и осигурувањето на возилата, глоба од 500 евра за неправилно користење на налепницата и казна од 100 евра за сопствениците што нема навреме да ги ажурираат телефонскиот број и електронската адреса. Ова се дел од новините во Предлогот за изменување и дополнување на Законот за возила, доставен до Собранието од група пратеници од владејачкото мнозинство, со препорака да се разгледува по скратена постапка. Предлогот-законот е во второ читање пред матичната Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.

    Измените опфаќаат и проширување на електронскиот Регистар на возила, нови обврски за техничките прегледи, осигурителниот сектор и нотарите, како и построги контроли и глоби за компаниите. Целта е полесна проверка на податоците, подобра институционална поврзаност и намалување на злоупотребите при регистрацијата и техничките прегледи, се наведува во образложението.

    Налепницата ќе открива повеќе информации, но не и лични податоци – Се предлага досегашната еколошка налепница да се замени со идентификациско-еколошка, електронски поврзана со Регистарот на возила. Налепницата ќе ја издава Министерството за внатрешни работи. Преку неа овластените органи ќе можат да ги проверуваат регистрацијата, техничката исправност, осигурувањето, еколошката категорија и другите законски утврдени податоци.

    Наместо различните бои – зелена, жолта и црвена, новата налепница ќе има единствен изглед за сите возила. Еколошката категоризација останува, но податоците ќе се чуваат електронски, без јавно прикажување на категоријата или личните податоци на сопственикот.

    Глоба од 500 евра за оштетена или злоупотребена налепница – Налепницата ќе мора да биде видлива, читлива и неоштетена. Се забрануваат нејзиното отстранување, оштетување, преправање, уништување, пренесување или користење на друго возило. За прекршување на овие правила се предлага глоба од 500 евра во денарска противвредност.

    Техничките карактеристики и начинот на издавање, поставување, замена и читање дополнително ќе се уредуваат со правилник на министерот за внатрешни работи.

    Три дена за ажурирање на податоците за контакт – Предлогот носи и нова обврска за сопствениците: веднаш по промената, а најдоцна во рок од три дена, да ги ажурираат телефонскиот број и е-адресата кај овластено правно лице за технички преглед. За непочитување на рокот е предвидена глоба од 100 евра.

    Нови задолженија за нотарите и осигурителите – Се прошируваат податоците во Регистарот на возила, кој го води МВР. Во него ќе се евидентираат издадените, заменетите и поништените налепници, сопственичките промени, техничките прегледи, километражата и полисите за осигурување.

    Нотарите ќе треба да ги внесуваат промените на сопственоста на денот на заверката на договорот, а Националното биро за осигурување дневно да доставува податоци за осигурувањето од автомобилска одговорност.

    Дневното ажурирање ќе биде обврска и за други институции и овластени правни лица. За определени субјекти што нема да ги внесуваат задолжителните податоци се предлагаат глоби од 5.000 евра, односно 500 евра за одговорните лица. За овластените службени лица опфатени со соодветната одредба глобата изнесува 50 евра.

    Техничките прегледи под построг надзор – Предлог-законот ги заострува условите за работа и контролата на техничките служби. Овластувањето ќе може да им биде одземено ако не ги исполнуваат пропишаните услови, не ги извршуваат задолжителните мерења на издувните гасови, сопирачките и системот за управување или не ги внесуваат податоците во Регистарот.

    Доколку МВР утврди недостатоци во просторот, опремата, кадарот или евиденциите, ќе може да забрани вршење технички преглед и да определи рок од 30 дена за нивно отстранување. Во тој период правното лице нема да смее да врши технички прегледи, а ако недостатоците не бидат отстранети, ќе следува одземање на овластувањето.

    За определени прекршоци глобите за правните лица се движат од 50 до 10.000 евра, зависно од големината на субјектот и видот на прекршокот.

    Се предлагаат и контролни прегледи на најмалку еден насто од возилата прегледани во последните 12 месеци, во рамките на надзорот над определените овластени субјекти.

    Нови правила за стручните испити и легализацијата на возила – Измените предвидуваат стручни испити со најмалку 50 прашања и три понудени одговори. За определени испити практичниот дел ќе трае 90 минути, а преодната оценка ќе може да се обезбеди со минимум освоени 70 отсто од предвидените позитивни поени. При утврдени нерегуларности ќе следуваат и временски забрани за повторно полагање.

    Се менуваат и посебните постапки за утврдување сопственички статус и регистрација на одредени возила. Од нив се предлага да се отстрани категоријата L, која опфаќа мопеди, мотоцикли и одредени возила со три и четири тркала, додека остануваат категориите О1 и О2.

    Според образложението, законските измени ќе имаат финансиски и административни последици за надлежните институции и овластените субјекти. Дел од трошоците треба да се покриваат преку законски утврдените надоместоци и одобрените буџетски средства.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично