По повод 25 години од основачкото собрание на Македонска берза АД Скопје, на 18 септември (петок) 2020 година ќе биде одржан првиот „Инвеститорски ден“ .
Шпаркасе Банка Македонија, како една од седумте членки на Македонската Берза, се приклучи на иницијативата на овој ден да се овозможи тргување со акции на сите пазарни сегменти без провизија за своите клиенти – индивидуални инвеститори.
На „Инвеститорскиот ден“ сите домашни физички лица кои ќе сакаат да ја искористат можноста да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без провизии кон Берзата, ЦДХВ и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи), треба да ги имаат во предвид следните услови:
- Инвеститорите да склучат нормални трансакции со акции преку БЕСТ системот, со посредство на некоја од членките на Берзата;
- Износот на остварениот дневен промет по индивидуален инвеститор да не изнесува повеќе од 10.000 евра, независно од бројот на берзански трансакции преку кои истиот ќе биде остварен;
- Трансакциите да бидат склучени преку клиентска, односно сопственичка сметка.
Со поддршка на иницијативата и настанот кој се планира да стане традиција, Шпаркасе Банка Македонија сака да придонесе во промоцијата за уште поактивно учество на домашните индивидуални инвеститори на македонскиот пазар на хартии од вредност и вложување во акции издадени од домашните компании, како и зголемување на знаењето за овие финансиски инструменти и подобрување на инвестициската култура во нашата држава