На полиците на најомилениот швајцарски ланец маркети – „Мигрос“ зјаат големи дупки: недостигаат популарните пијалоци како „Кока Кола“, „Фанта“, „Спрајт“ и „Монстер“. Точната причина зад ваквата одлука и натаму останува нејасна, но се претпоставува дека швајцарските трговци водат војна со гигантот „Кока Кола“ околу растечите цени на неговите производи
На празните полици стои љубезно извинување: „За жал, овој производ моментно е недостапен. Во преговори сме со добавувачот. Се извинуваме за непријатностите“.
Муштериите на „Мигрос“ залудно бараат „Кока Кола“ на полиците во овие маркети. Проблемот ја опфаќа оваа групацијата во цела Швајцарија. Зависно од продавницата, некои производи како „Кока Кола“, „Фанта“, „Спрајт“ и „Монстер Енерџи“ сѐ уште се достапни, но не повеќе во сите големини и варијанти.
Како што пишуваат швајцарските медиуми, испораката е прекината поради тековните преговори помеѓу швајцарскиот ланец маркети „Мигрос“ и компанијата „Кока Кола“. Двете компании го потврдија ова во понеделникот. Сепак, никој од нив не открива никакви детали. Се претпоставува дека спорот меѓу „Кока Кола“ и швајцарските трговци е поттикнат од високите цени на овој производител на пијалоци. Имено, уште минатата година „Кока Кола“ продолжи да го форсира зголемувањето на цените кај трговците.
Предисторијата на конфликтот
Ова не е првпат да се појавуваат напнатости помеѓу швајцарските трговци и „Кока Кола“. Сличен конфликт се случи меѓу мигросовата подружница „Денер“ и гигантскиот производител на пијалоци уште во 2014 година.
Тогаш ланецот маркети „Денер“ како одговор на оваа војна околу цените, во знак на протест увезуваше „Кока Кола“ од Чешка. Тоа беше голема победа за „Денер“ и Марио Ирмингер, тогашен шеф на „Денер“, а денешен директор на „Мигрос“. За ова своевремено многу и се пишуваше во швајцарските медиуми.
Во овие преговори интервенираше и швајцарската комисија за трговско натпреварување КОМКО (COMCO), која ја контролираше оваа трговска војна.
Челниците на ланецот „Мигрос“, кој е познат и по тоа што не продава алкохол и кога станува збор за пијалоци остварува профит само од безалкохолните, ветуваат дека полиците повторно ќе бидат полни кога ќе се завршат преговорите. Она што е интересно е што производите на „Кока Кола“ сѐ уште се достапни во сестринската фирма на „Мигорс“ – „Денер“, која своевремено ја биеше истата битка. Ова укажува на вештината и на богатството од преговарачки стратегии на „Мигрос“ групацијата.
Влијанието врз купувачите и индустријата на пијалоци
Засега, купувачите во „Мигрос“ мораат да се откажат од своите омилени пијалоци или да се префрлат во други маркети. А, Швајцарците се надалеку познати по својата лојалност на еден ланец маркети и не љубат големи промени во нивната купувачка рутина. Секако дека ниту „Мигрос“ не би сакал да загуби дел од своите купувачи, макар и привремено, но засега неговото раководство цврсто стои на своите позиции.
Она што останува да се види е колку ќе траат овие неизвесни преговори и дали ќе има промена на цените за погодените прозводи. Актуелниот судир меѓу „Мигрос“ и „Кока Кола“ би можел да влијае и врз целокупната индустрија на пијалоци. Ова покажува дека ни големите брендови како „Кока Кола“ не се имуни на тешки преговори за цените на своите прозводи.
Експертите внимателно ја следат ситуацијата, а исходот од преговорите потенцијално би можел да постави преседан и нови стандарди за идните расправи меѓу трговците и добавувачите.
Сепак, тие тврдат дека овојпат нема да се случи паралелен увоз на производите на „Кока Кола“ за премостување на недостигот.
„Овие безалкохолни пијалоци наскоро би требало да бидат повторно достапни, преговорите се во тек. Полиците би требало постепено да се наполнат во текот на наредните недели“, велат од „Мигрос“.
Мимоза Петревска Георгиева
(Дописник на Пари од Швајцарија)